„Во седиштето на Движењето Илирида во Гостивар пред неколку дена се одржа многу важна средба со претставникот на Мисијата на ОБСЕ Александар Девецидис.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија – ИНА.
ИНА го пренесува соопштението на Движењето Илирида, во кое, покрај другото, се наведува: „Од разговорите на оваа многу пријателска средба беа истакнати и начините за изнаоѓање соодветни решенија, заради надминување на незаконските пречки на легалното функционирање на овој политички субјект. На оваа средба му ги изнесовме нашите објективни оценки на Девецидис, кој направи белешки во врска со нашата загриженост околу пречките за регистрација на овој политички субјект.“
„Нималку не се спорни ниту името на партијата, ниту знамето и другите симболи, ниту програмата и статутот на партијата. Спорен е самиот суд, бидејќи бара нешто, што е надвор од законот, па во постапката за втемелување се бараат и оригинали, или копии на уверенија на државјанства, заверени од нотар. …Уверенијата за државјанство им требаат само на основачите, а не и на оние кои се изјаснуваат за него, како поддржувачи.“
„Овие методи на еднострано толкување на законот покажуваат само препотенција и ароганција. Движењето Илирида се заснова врз албанската реалност.’ – се вели во соопштението, кое го претстави секретарот на Движењето Илирида Неџат Мустафа.“
Во својата информација со наслов „Движење Илирида: Само федерализирање на Македонија“, објавена на 5 јули 2021 година, весникот на албански јазик „Лајм“ напиша: „Движењето Илирида се стреми кон регистрација како политичка партија, за да учествува на изборите во * Македонија. Нејзините лидери велат дека ја реафирмираат желбата и волјата на Албанците, кои произлегуваат од Референдумот за политичко-територијална автономија на Албанците. Во својата Платформа, објавена во општествените мрежи, Движењето Илирида наведува дека ќе се стреми кон ФЕДЕРАЛИЗИРАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА и таа да се претвори преку промена на Уставот во држава на два народа: на албанскиот народ и на македонскиот народ. Во федерална Македонија нужно ќе биде и повлекување внатрешни граници. Со уставни измени на Албанците треба да им се промени позицијата и да станат државотворен народ.“
„Албанскиот јазик треба да стане официјален на целата територија на државата, но и да се користи и во меѓународната комуникација. Треба да се променат и симболите на државата, односно знамето, химната и грбот и да ги содржат историските, политичките и културните вредности на двата народа, албанскиот и македонскиот. Собранието на државата треба да се сочинува од два дома: Дом на етничките заедници и Дом на граѓаните.“