Во ионака полудениот свет на македонската политика во кој деновиве еден чесен човек и научник им внесува страв во коски на сите кои што беа убедени во лесната победа на СДСМ на претседателските избори, лесно се препознава сиот гнилеж во општеството, во медиумите, меѓу политичарите…..
Против професорката Силјановска која иако се уште не добила пас од конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ се крена цела буљумента на критичари, спинери, таканаречени инфлуенсери во обид, амбициозни новинари со желба да бидат влијателни, одработувачи и слични амеби и парамециуми кои што од материјален интерес, од лични амбиции, од предходно направени долгови, од обична човечка злоба и слично се нафрлија на професорката како да е таа веќе победник на изборите.
Или можеби сите тие чувствуваат дека таа навистина е победник, уште пред да победи.
Да бидеме чесни до крај, јас не кријам дека сум субјективен за ова прашање затоа што ја поддржувам професорката Силјановска заради нејзините стручни, човечки и други доблести. И ќе сторам се што можам а што е согласно законот и кодексите на нормално однесување да помогнам таа да стане првата жена претседател на Македонија.
И ги поздравувам сите други кои што имаат свој фаворит за претседател.
Колегите Бранко Геровски и Љупчо Златев сметаат дека Влатко Ѓорчев е најдобар кандидат за претседател или за кандидат на опозицијата, аналитичарот Даме Чкатровски смета дека Стево Пендаровски е најдобриот кандидат на СДСМ за претседател.
И тука нема ништо спорно, сите ние се идентификуваме со вредностите и принципите на кандидатите кои што јавно или приватно и самите ги браниме.
Јас во моментов се идентификувам со принципите што долго време ги промовира професорката Силјановска. Во однос на името, на законот за јазици, за критика на власта без разлика која и да е таа, за реформи во сите сфери, за „мерит систем“, за промена на уставот таму каде што навистина има потреба за тоа, за вистински консензус на граѓаните а не на партиите, за департизација на институциите, иткн.
Се додека Героски, Златев, Чкатроски и сите останати кои јавно искажуваат подршка за некој кандидат се водат од овој принцип и не употребуваат нечесни механизми за денунцирање на останатите, немам забелешка. Подготвен сум за фер дебата на сите теми.
Но кога во предкампањата која што се одвива вие имате глутници кои што само критикуваат и напаѓаат а не предлагаат и промовираат (личности и вредности) тогаш ситуацијата оди во погрешен правец.
Деновиве гледаме толку многу непринципиелни коалиции и речиси сите тие имаат заеднички именител во нападите преполни со спинови: објективно најранливиот кандидат, професорката Силјановска.
Не можам да тврдам дека сите тие напади од овие луѓе и групи имаат заеднички нарачател кој засега се крие во позадина но нејасно е како во иста група на напаѓачи се најдоа и луѓе што сите знаеме дека се на списоците на Заев, луѓе кои што биле дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и луѓе кои што се обидуваат да се прикажат како неутрални и вечни опозиционери.
И сите тие се заедно во битката против кандидатката која што зад себе нема никаква машинерија и како натпартиски кандидат се обидува (на инсистирање на огромен број чесни луѓе) да и помогне на Македонија да не заврши во бездната.
Од сите членови на глутницата морам да кажам дека најинтересни се луѓето кои што без ВМРО -ДПМНЕ само малкумина ќе ги познаваа, луѓето кои што во времињата на владеење на сегашната опозиција биле на високи позиции а сега практично работат против својата партија.
Можеби е случајно што екс градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски и екс пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и директор на национална институција од оваа партија Филип Петровски за два дена објавија два текста кои иако со различни реченици ни пренесуваат иста порака.
Пораката не е претседателските избори како шанса за обединување околу натпартиски кандидат или било кој кандидат туку шанса за уривање на Мицкоски. Пораката не е ниту исклучиво против професорката Силјановска како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ затоа што тие знаат дека без натпартиски кандиат победата на опозицијата е речиси невозможна.
Поракате е дека тие се гледаат како идни лидери на ВМРО-ДПМНЕ што не е спорно, тоа си е нивна внатрешна партиска работа, но дилемата е дали токму сега Македонија треба да биде сведок на оваа партиска битка која ќе и наштети на нацијата.
Ивица Коневски и Филип Петровски (и не само тие), во својот обид да го урнат Мицкоски за да ја преземат контролата на опозицијата со своите антикампањи против Мицкоски се подготвени да дадат активен придонес за пораз на обединетата опозиција на претседтелските избори.
Причината е јасна, поразот на било кој кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа за нив и сите останати кои што се надеваат да го вратат старите позиции во опозицијата или пак да воспостават нови.
Затоа сега за нив главно прашање не е победата на граѓаните, која според мене е можна со натпартиски кандидат кој ги дели главнината од позициите на ВМРО -ДПМНЕ, туку фотељата на Мицкоски која што верувам дека ниту тој самиот нема да ја сака ако доживее убедлив пораз на претседателските избори со било кој кандидат.
За среќа ваквите луѓе кои што ја бараат својата среќа во туѓиот пораз се малку.
Од она што го гледам деновиве, храброста на ВМРО-ДПМНЕ да оди со натпартиски кандидат на конвенцијата, без разлика кој ќе победи таму, обединува огромен број луѓе.
Македонците и сите останати граѓани се умни луѓе, разбираат дека без обединување на сите противници на катастрофалната власт не е можна промена.
Професорката Силјановска веќе најави дека кој и да победи, и Ѓорчев и Петровски или некој од останатите кандидати ќе се ангажира за победа на здружениот опозициски фронт против владеачките погубни политики.
Со тоа што ВМРО – ДПМНЕ веќе ја придоби професорката Силјановска на своја страна, и без разлика што ќе се случи на конвенцијата, опозицијата оствари една мала но важна победа. Се отвори простор за вистинско обединување на сите кои што се почувствуваа онеправдани и навредени од политиките на власта.
А колку и да е позицијата претседател церемонијална и лимитирана во поглед на извршните функции таа се уште е симбол на државата и нацијата која што сите заедно се обидуваме да ја спасиме. И затоа сега не е време на лични амбиции, фрустрации и агенди.
Време е за Македонија и за одбрана на идентитетот кој полека ни бега од раце.