Среде војната во Украина, два хеликоптера Ми-8МТ на Армијата на Република Македонија заминуваат на ремонт во чешкиот завод ЛОМ во Прага, објави порталот „Балканска безбедносна мрежа“.
Според меѓудржавниот договор потпишан на 23 декември, двата десантно-транспортни хеликоптера произведени во 1985 година треба да бидат ремонтирани за 13 месеци. Со тоа ќе им биде продолжен рокот за уште осум години или 1.500 часа лет, а за тоа Македонија ќе плати речиси 6 милиони евра.
„Во преговорите со Чесите, договорено е заводот ЛОМ да набави роторски краци се произведени од 2021 година, но најдоцна до 24 февруари 2022 година. Официјално од Москва сертификатите за ремонт на Ми-8/17 семејството беа отповикани од Москва, но тој проблем е решен со прифаќање на чешките национални сертификати и почитување на референците на заводот ЛОМ“, пишува порталот.
Македонија претходно главно се потпираше на украинската поддршка за ремонт, од каде ги набави сите Ми-8 и Ми-17, како и борбените Ми-24В што ги има во својот инвентар. Сега има по два Ми-17, Ми-8МТ и Ми-24В, за кои се вели дека се „во ресурс“ и ќе можат да летаат до средината на оваа деценија, во зависност од времето на завршување на последниот ремонт.
На пример, двата Ми-24В ремонтирани во Украина во 2018 година ќе летаат до 2025 година. Двата Ми-17 за македонската воена авијација се набавени во 1994 година од Украина, а се произведени во фабриката во Казан, Русија. И двата беа ремонтирани во Литванија и вратени во март 2017 година и на нив се смета до 2024 година.
Македонски воени ознаки носат четири примероци на Ми-8МТ, од кои три се произведени во 1985 година, а еден во 1986 година. Првично летаа во советската авијација, а во 1992 година, по поделбата на државата и имотот, ѝ припаднаа на Украина. Тие беа испратени во базата „Бондстил“ на Косово како дел од украинскиот контингент во КФОР, а во 2001 година Македонија ги купи од Украина за да ги користи во војната со ОНА.
„Според планот за развој на вооружените сили на Македонија за периодот од 2019 до 2028 година, планиран е ремонт на два Ми-8МТ, кои сега ќе се реализира, како и набавка на нови летала. Според тој документ, тоа е програма што треба да биде покрената во 2024 година. Предвидениот буџет е 216 милиони евра“, пишува „Балканска безбедносна мрежа“.