Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници покажуваат документите до кои дојде Дојче веле.

За тетовската модуларна болница, целосната надлежност за контролната и оперативната фаза била на општина Тетово, директорот на болницата и комунални инспектори, покажува тендерската документација, дознава ДВ.

Во делот на имплементацијата, за тетовската модуларна болница надлежни биле две лица од Министерството за труд во делот на заштитниот надзор. Директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач, во локалниот надзор, како и во делот на локалниот инспекциски надзор. Бесими, кој повеќе од 11 години беше в.д. директор на Тетовската болница, поднесе оставка, а економскиот директор на клиниката Артан Етеми- не се споменува во документацијата.

„Оваа ситуација се повторува и во речиси сите други модуларни болници кои беа градени во земјата за време на пандемијата- како надлежни за комплетниот надзор над работата наведени се само имињата на директор на локалната болница, понекаде и економскиот директор, во еден случај главната медицинска сестра, а во два града, Штип и Велес- никој поименично, односно наведено е само „менаџер“.

Се работи за вкупно 17 модуларни болници кои државата ги финансираше со кредит од Светска банка во вредност од 3,8 милиони евра.

Согласно договореното, по реализацијата на проектот, односно завршувањето на модуларните болници, во документот требало да биде впишано и името на инженерот кој извршил надзор над завршената работа.

Таа графа останала празна во сите модуларни болници“, пишува Дојче веле.