Дурловски за собирот во Штип: Утре да покажеме дека браќата од 27 април не се заборавени

Единствениот ослободен без да бара амнестија за настаните од 27 април 2017 година, оперскиот пејач Игор Дурловски, со повик за мирниот „Собир за слобода“ на уставобранителите утре напладне во близина на затворот во Штип.

„Утре е денот кога треба да покажеме дека браќата од 27 април не се заборавени. Напротив, делување, секој на свој начин, сè до нивна слобода!“, порача еден од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и пратеник што се повлече од Собранието токму поради затворените.

Пред него се огласи и еден од организаторите на настанот, Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“.

„Се собираме да им дадеме братска и другарска поддршка да истраат во битката за правда и слобода, а на оние кои ги затворија да им порачаме дека ќе одговараат за ова злодело и за предавството. И за сите други. Нека овој собир биде почетокот на борбата до конечна слобода за Македонија и македонскиот народ“, напиша тој на Фејсбук.