Дури 11 лекари рекле дека Боки 13 не може да се лекува во затвор

За осудениот Бојан Јовановски-Боки 13, во изминатиот период 11 пати била повикана Брза помош во затворот „Идризово“, тврди неговиот правен тим кој достави и медицинска документација до медиумите.

Накусо, Боки 13 не може да ја добива пропишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба, пренесува А1.Он.

Од правниот тим велат дека „доказите кои ги доставуваме до медиумите и до јавноста ја покажуваат тортурата на дело, па оттука гласно го поставуваме прашањето кој ќе сноси одговорност за оваа организирана и координирана хајка и најважно од се е кој ќе сноси одговорност доколку настанат компликации кои директно може да резултираат со смртоносни последици по животот на Бојан Јовановски, бидејќи од сето приложено и сега докажано на лице место во затворската установа од 11 лекари дека нема услови за лекување и третман во затворот“.

Адвокатите на Јовановски апелираат и бараат од сите надлежни органи, а особено до сите домашни и меѓународни институции и организации за заштита на човековите права веднаш да преземат активности и дејствија во рамки на своите надлежности, со цел да се спречи оваа незапаметена тортура и флагрантно кршење на загарантираните човекови права кој согласно Устав ги има и осудениот Јовановски.