Министерството за труд и социјална политика не размислува да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа иако бизнис-заедницата најави дека ќе го побара токму тоа.

„Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање“, велат од Министерството како што пренесува порталот „Локално“.

Средствата што државата ги дава за Фондот за пензискo и инвалидско осигурување за редовна исплата на пензии постојано се зголемуваат.

Со предложениот буџетски ребаланс за годинава предвидено е префрлање дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб.