Откако Македонија ги пропушти опциите за предвремена набавка на електрична енергија и се најде во состојба незаконски да повлекува струја од европскиот пазар, сега на располагање има три опции да се справи со проблемот и да не се доведе во тотален мрак, пишува Плусинфо во својата анализа за проблемот со недостаток на струја.

Според експертите, првата опција е да се обезбедат пари за да се купи електрична енергија на слободниот пазар по цени кои владеат моментално, бидејќи навреме не се обезбедиле потребните мегавати. Втората е воведување рестрикции за да се приспособиме на дозволените рамки и третата да се зголеми цената на електричната енергија за сите и да се обезбедат пари за увоз на потребните количини на електрична енергија.

Сето ова стана опција за македонската енергетика откако директорот на македонскиот електропреносник МЕПСО, Куштрим Рамадани, излезе во јавност и го вклучи алармот дека земјава се соочува со криза за прекумерно повлекување на електрична енергија од европскиот пазар, бидејќи има недостиг.

Според него, дневно на земјава ѝ недостигаат и до 500 мегавати струја која се повлекува од европската мрежа. МЕПСО поради тоа четири пати е опоменат од Европската енергетска заедница и сега треба покрај актуелна цена за дополнителните мегавати да плати и казна. Рамадани стравува дека МЕПСО ќе влезе во загуба ако го плати долгот кој на крајот на ноември ќе изнесува 15 милиони евра и предлага да се воведат рестрикции. Притоа тој вината ја лоцира во намаленото производство во земјава наспроти зголемената потрошувачка на струја.

Експертите велат дека во вакви услови три опции се на располагање за решение на кризата. Во сите три се инволвирани и граѓаните.

– Прво да се обезбедат финансиски средства за да се купи на пазарот енергијата која не сме ја купиле навреме. Пари нема, па се разбира владата ќе посегне по нови кредити кои тешко дека ќе ги добиеме. И да речеме ќе ги добиеме, тие ќе бидат на сметка на граѓаните и некоја следна влада која ќе треба да го отплаќа долгот. Но, тоа е едно од решенијата. Втората опција е да се воведат рестрикции и така да се троши она што се произведува во земјата и да се увезува во рамки на дозволеното. И со оваа опција се засегнати граѓаните. Третата опција е да се зголеми цената на струјата со што ќе се обезбедат пари за купување на потребните количини на струја. Тоа значи непопуларна за граѓаните, но економски оправдана мерка – вели професорот Константин Димитров.

Целата анализа на Плусинфо.мк