„Дали со најновиот потег и најавите за излегување од власта ДУИ, како привиден губитник, настојува за излезе како севкупен победник, кој се решил да поднесе жртва во интерес на државата и европската иднина? Или можеби напуштањето на власта ќе биде само фиктивно, а во заднина и натаму сите клучни потези ќе се координираат и ќе се влечат преку Мала Речица? Дали можеби некој му потшепнал на ДУИ дека и во наредните избори пак ќе биде дел од власта? Аналитичарите имаат поделени ставови во однос на овие прашања.“ – се наведува во анализата со наслов „Дамин гамбит од Мала Речица“, која ја објави всникот „Нова Македонија“

Покрај другото, во анализата пишува: Моментното прифаќање од страна на ДУИ да не биде дел од власта предизвика вчудовиденост кај домашната политичка јавност. Изненадувањето е дотолку поголемо што ваквиот став на ДУИ беше соопштен по речиси незавршена лидерска средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На средбата, на која во средиштето на вниманието беа уставните измени, како што соопштија и двајцата лидери, имало предлог да се изгласаат уставните измени и веднаш потоа да се формира влада на широка коалиција, во која ќе влезе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но без ДУИ во неа. Ова е побарано од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. ДУИ веднаш извади своја карта, или можеби џокер од ракавот, истакнувајќи дека прифаќа да не биде дел од Владата.

ДУИ изигра дамин гамбит, жртвувајќи фигура со надеж за победа на крајот. ДУИ) се согласува да не биде во Владата, што ќе се формира откако претходно ќе се изгласаат и ќе стапат во сила уставните измени. ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ до избори, ако опозицијата ги поддржи уставните измени и и ако стапат во сила пред формирањето на таа Влада.“ – објави портпаролот на партијата Бујар Османи.

Со години сите важни институции се во рацете на ДУИ, почнувајќи од претседателот на Собранието, потпретседатели во Владата, министри, заменик-министри во повеќе клучни министерства, па сѐ до директорски места и други раководни позиции во државните институции. Под контрола на ДУИ се и моќни институции како што се МЕПСО, АЕК, Фондот за здравство, Државни патишта, но и во безбедносните служби. Дали сега одеднаш сите овие кадри на ДУИ ќе ги напуштат функциите, со што партијата, која над 20 години диригира и доминира во политиката, како дел од секоја влада, сега целосно сама ќе се развласти?

Никој толку лесно не ја напушта власта, освен ако во заднина нема некое претходно друго добро разработено сценарио. Дали можеби ДУИ низ призмата на привиден губитник, може да излезе како севкупен победник, кој се решил да поднесе жртва во интерес на државата и европската иднина? Преку дамин гамбит, со пион жртва, да ја добие целата партија? Или можеби напуштањето на власта ќе биде само фиктивно, а во заднина и понатаму сите клучни потези ќе се координираат и влечат преку мала Речица?

Дали можеби некој му потшепнал на ДУИ дека и во наредните избори пак ќе биде дел од власта, или можеби добил некаква меѓународна гаранција дека сѐ уште ќе важи непишаното правило за коалицирање „победник со победник“. Треба да се очекува дека и последниот потег на оваа партија е со знаење и во координација со некои надворешни центри на моќ. Судејќи по најновите содржини од интернет-страницата на ДУИ ништо не навестува дека партијата е подготвена самата да се убие себеси и толку лесно да се согласи на целосно развластување, по повеќе од две децении во врвот на власта.

Од 1 јули годинава Шпанија го презема претседавањето со Советот на Европската Унија. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан треба да остане приоритет на ова претседавање и во наредните 6 месеци, кои се клучни за Македонија, кога се очекува одобрување на уставните измени и отворање на преговорите во јануари 2024 година, пишува на сајтот на ДУИ.

Таму има и порака по повод друг настан на лидерот Ахмети, во која се вели: Заедно нераскинливи околу нашите национални идеали! Нека е вечна сенародната албанска врска!