Дуа Липа доби албанско државјанство: Ќе бидам Албанка и со „тапија“

Откако во почетокот на август косовската претседателка Вјоса Османи ѝ ја додели титулата почесна амбасадорка на Косово, поп-ѕвездата Дуа Липа доби и државјанство на Албанија.

„Тоа е неопислива голема радост со таквото прифаќање, љубов и сè“, изјави Липа за Асошиејтед прес по церемонијата на која албанскиот претседател Бајрам Бегај ѝ го врачи указот за државјанството. „Ќе бидам Албанка и со ‘тапија’“.

Липа е родена во Лондон во 1995 година од родители имигранти од Косово, што го направи албанскиот нејзин прв јазик. Нејзината поддршка за Албанија предизвика бурни реакции во 2020 година, кога поп-сензацијата се огласи на Твитер и објави фотографија со знамето на „Голема Албанија“, која опфаќа делови и од Косово, Србија, Грција и Македонија, а под неа напиша „автохтони“. По лавината реакции, Липа објасни дека објавата е погрешно протолкувана како промоција на етнички сепаратизам, што таа рече дека „целосно го отфрла“.

„Сите заслужуваме да бидеме горди за нашата етничка припадност и за тоа од каде сме“, напиша таа во соопштението за јавноста. „Едноставно, сакам мојата земја да биде претставена на картата и да можам со гордост и радост да зборувам за моите албански корени и за мојата мајка“.

Доделувањето државјанство доаѓа непосредно пред 110-годишнината од независноста на Албанија од Отоманската Империја.