Длабоката и сестрана мисла на ерудитот Османи не мирува: ЛЕТА како орел, од сферата на медицината, преку македонскиот политички систем и политичкиот систем на ЕУ (со слетување на евроинтеграциите), па, прелетува преку административното право (со особена посветеност на јазичната инспекција), потем, се вивнува кон меѓународно право и на крајот, слетува на „ТЕМЕЛИТЕ“ на државата и правото.

Неговото најново „ДРЖАВНИЧКО“ откритие е дека Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија се ТРИТЕ ТЕМЕЛИ на македонската држава/државност, како и дека се поврзани и нераздвојни, па не ги разбира(л) „обидите за рушење“, говорат за него, а не за НАС. Човеков се доживува како “founding Father”?!


Да не говорам за фаталистичкиот однос кон Преговарачката рамка, во која, покрај Копенхагенските критериуми за ЦВРСТА ДРЖАВНА КОНСТРУКЦИЈА, некој ЛОШ АРХИТЕКТ вметнал РАМЧЕ за ДИВОГРАДБА, чија критика од СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДРЖАВНАТА КУЌА, но и од ГОЛЕМ БРОЈ ВРВНИ АРХИТЕКТИ и МАЈСТОРИ, ја прогласува за АНТИЕВРОПСКИ ЧИН и никој, ниту смее , ниту може да ја оспорува, небаре СВЕТА КНИГА! Очигледно се консултирал со претседателот на „ ДРЖАВАТА“ според кој, НАМ, агностиците и скептиците, ни немало СПАС, како и со МИСИОНЕРОТ, чија визија не можеме да ја фатиме:

Сфатив дека сум била во тешка заблуда кога сум се занесувала дека првите никулци на држава лежат во Крушевската република, на која и претходеја многу востанија и акти, а ТЕМЕЛИТЕ, во остварувањето на правото на самоопределување по ПОБЕДАТА, извојувана со КРВ во НОБ против фашистичкиот окупатор, но и за самостојна држава, при чие ВТЕМЕЛУВАЊЕ ПРИСУСТВУВАА БРАНИТЕЛИТЕ и градителите на АНТИФАШИСТИЧКА ЕВРОПА. ТИЕ ја поздравија новата федерација и ФЕДЕРАЛНА ЧЛЕНКА на АВНОЈ и АСНОМ, чии ТЕМЕЛИ беа удрени Авнојските и Асномски документи, па во Уставот на народна република Македонија од 1946, па во Уставот на Социјалистичка република Македонија од 1963 и Уставот на Социјалистичка република Македонија од 1974.

ВО процесот на дисолуцијата на Југословенска федерација, се повикавме на меѓународното право и на НЕПОТРОШНОТО ПРАВО на самоопределување на шестте народи и републики и преку „Декларацијата за независност на Македонија“, јасно изразената референдумската волја за самостојна и независна Македонија од осми септември 1991 година, го донесовме Уставот на НЕЗАВИСНА И САМОСТОЈНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА од 1991! Државата што се создаваше имаше МНОГУ МАНИ, требаше да се РЕКОНСТРУИРА, ама беше далеку од CASUS BELLI, што меѓународното право го препознава во „неподносливи услови на живот и владеење“.

Впрочем, не случајно, прв основен принцип на Рамковниот договор, 1.1 е дека „ целосно и безусловно се отрфрла употребата на сила за политички цели и само мирни политички решенија може да обезбедат стабилна и демократска иднина. За жал, ригидната етнопартиска интерпретација на Рамковниот договор доведе до ОТСТАПУВАЊЕ од него, до негово ФАКТИЧКО ДОПОЛНУВАЊЕ и ИЗВИТОПЕРУВАЊЕ, туркајќи кон БИНАЦИОНАЛНА ДРЖАВА, како најнепогоден амбиент за функционална демократија! Ама, премиерот поим нема што чита во ОН и на Columbia универзитетот!

За Преспанскиот договор и за Договорот за доброседство и пријателство со Бугарија ќе го повторам она што многу пати сум го кажала и напишала : спротивни се на меѓународното и на МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО право и значат надворешно мешање во внатрешните работи на Македонија. Не ги зацврстуваатт, туку ги поткопуваат државните темели оти создаваат терен за ДИВОГРАДБИ, опасни по ДРЖАВНАТА АСНОМСКА КОНСТРУКЦИЈА.

Туку, се сетив на една држава, никната и втемелена на меѓународен договор – Република Кипар! Настана врз Циришкиот и Лондонскиот договор, пропратени со Договорот за основање и Договорот за гаранција. Врз „ДОГОВОРНИТЕ ТЕМЕЛИ“ Кипар доби ОКТРОИРАН УСТАВ во 1960, којшто веќе во 1963 стана фактор на криза, водејќи кон нефункционална држава заради парализиранот процес на одлучување и чудните клучеви на претставеност во сите државни органи. Претседателот Макариос предложи 13 амандмани со кои Кипар требаше да стане ПРИСТОЈНА држава со претседателски систем на управување, ама не беа прифатени.

Следеа низа меѓународни проекти и планови, зелени маси…. Попусто. Состојбите и проблемите во матичните држави, Грција и Турција постојано се рефлектираа на внатрешните кипарски работи, кипарското општество се сегрегираше, процесот на одлучување се блокираше до степен на парализа.

Две тенденции доминараа: Грчките Кипрани беа за enosis, односно обединување со Грција, а Турските Кипрани за taxim, односно за обединување со Турција.

Се потврди предупредувањето дека за успешна консоцијација е потребен соодветен амбиент, односно предуслови, меѓу кои и постоење на најмалку ТРИ СЕГМЕНТИ со подеднаква и непроменлива моќ, покрај многуте други, но и покрај присуството на други заедници на Кипар, покрај грчката и турската, политичката игра се одвиваше меѓу нив и заврши како zero sum game!

Така, Кипарската држава, изградена со ДОГОВОРИ од меѓународни автори/сили(“state buliders”) имаше СЛАБИ „ТЕМЕЛИ“, што не ја издржаа (не)демократската градба. Во отсуство на демос како политичка заедница, од која ќе произлeзе уставот (Макариос), се продлабочија етничките и верски поделби, се интензивираа меѓусебните судири, се изградија паралелни светови, затворени и отуѓени, не постоеше заеднички код за комуникација, претседателот и потпретседателот не беа ДУО , туку во ДУЕЛ, владата фактички беше поделена на две, парламентот не ги претставуваше граѓаните, туку двете заедници: грчката и турската.
Во 1983, турските пратеници се повлекоа и се прогласи „Република Северен Кипар“, призната само од Турција.

Да потсетам, имаше бројни обиди на меѓународни политички архитекти „за решавање“ на кипарските работи, беа креирани низа меѓународни предлози како: „Евалуациониот акт“ на Курт Валдхајм од 1981, „ Рамковниот договор: храна за мисла“ на Хавиер Перез де Куелар од 1989, „ Сетот идеи“ на Бутрос Бутрос Гали“, „ Анановиот план“ на Кофи Анан…. Кипар стана своевидна лабораторија за уставен инжењеринг.

Во 2004 година, de jure, Република Кипар стана членка на ЕУ, ама, de facto, само грчкиот дел влезе во ЕУ! Самопрогласената република „Северен Кипар“, ЕУ не ја призна(ва) и таа е надвор.
Заклучокот за ЦВРСТИНАТА И КВАЛИТЕТОТ на меѓународните договори како „ТЕМЕЛИ“ на државата, Ви го оставам ВАМ!