„Јавноста има право да знае“. Ова основно начело на транспарентноста кон кое мора да се придржува власта во секоја демократска земја, очигледно, не важи за банана-републики во што ја претворија Македонија. Тука опскурни ликови од типот на поранешен хулиган и на инсталиран анонимус што му глуми надреден си земаат право да ѝ кажуваат на јавноста што треба да знае, а што не. Оти станувало збор за државна тајна, богати!
Македонската јавност одамна е навикната да ѝ сервираат информации од највисок општествен и национален интерес „на лажиче“, па невештиот обид за сокривање на незгодните одредби од договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници не е никакво изненадување. Тоа што изненадува е само трагикомичната некоординираност на главните актери, па тепачот од Кале со функција каква што не познава Уставот и со измислен ресор каков што не постои никаде во светот прво го прогласи договорот за државна тајна и им се закани со затвор на опозицијата и на новинарите што ги обзнанија скандалозните детали. За веднаш потоа инсталацијата на несудениот нобеловец од Муртино да проба да ја намали штетата од грубоста на својот прв заменик, објаснувајќи дека станувало збор „само“ за деловна тајна.
И едниот, и другиот не се до толку неинтелигентни за да не знаат дека секое прикривање раѓа сомнеж, како кај сопруга што мисли дека брачниот партнер ја изневерува, па криењето на мобилниот телефон од неа и прогласувањето на листата на повици за приватна работа нема да помогнат во отстранувањето на недовербата. Напротив. Само ќе ги потврдат индициите дека нешто се тркала зад ридот и ќе ја разгорат желбата да се открие за што и за кој(а) всушност станува збор.
Уште изборот на фирма што произведувала долна облека направи танга од проектот со почетна вредност од 1,3 милијарди долари, за менувањето осум закони по скратена постапка и криењето на договорот дополнително да ја соголат (не)довербата на јавноста во чистите намери на власта и на изведувачот. Искуствата со него од земјите во регионот и сличното однесување на тамошните влади како овдешната само ја зголемуваат сомничавоста дека ова може да прерасне во најголема коруптивна зделка во историјата на македонската држава.
Поучена и од милионските пенали за неизградениот клинички центар, јавноста и тоа како треба да знае дали такво нешто може да се повтори и во овој случај. И што сè недугавиве се обврзале, а се коси со елементарното чувство на одговорност и со домаќинското трошење на народните пари. И дали евентуалната гигантска штета, за која предупредуваат свиркачите и опозицијата, ќе им стои на глава и на неродените наследници на преостанатите јадници што не успеале да здувнат од жална Македонија со билет во еден правец.
Во отстранувањето на сите дилеми може и треба да помогне и „најголемиот стратешки партнер“ на државава. Не дека носечкиот дел на конзорциумот е американски, туку и поради посочувањето на борбата со корупцијата како приоритет на сојузникот во НАТО. Исклештениот прв вицепремиер од уши до уши до амбасадорката и изнасилениот повик „радувајте се, бе, луѓе“ од некој што и негови сопартијци го поврзуваат со сомнителни дејства баш и не помагаат за зголемување на довербата во целиот процес. Сеедно дали само го злоупотребува нејзиното присуство за да наметне впечаток дека с(е) под закрила на светската суперсила и оти можат да прават што сакаат, со колаборационистите од мнозинството во улога на подизведувачи.