Царинската управа во периодот од 2014 до 2019 година вклучително со рафинеријата Окта извршила вкупно 23 контроли заради неправилно пресметана акциза, објаснуваат од Управата откако вчера во финанискиот извештај Окта обелодени дека треба да доплати 13,9 милиони евра за акциза.

Со Окта, вкупно 5248 извршни решенија за дополнителна наплата на акциза, изрекла Царинската управа од декември 2019-та до денес. Вкупниот долг (главен долг и камата) на овие решенија е во висина од 19,3 милиони евра.

Од оваа сума најмногу треба да плати Окта, како што веќе посочивме 13,9 милиони евра. Од Управата за порталот “Пари”, велат дека отстапки во пресметките има за акцизното добро еуродизел.

„Царинската управа во 2019 година при контрола на платената акциза кај економскиот оператор ,,Окта Рафинерија на нафта АД” утврди дека за акцизното добро еуродизел распореден во тарифна ознака 2710194300 од Царинската тарифа, неправилно е пресметана акцизата, во несоодветна единица мерка, спротивно на член 28 став 2 од Законот за акцизи, при што спроведена е управна постапка за дополнителна наплата на акциза со донесување на Решенија за дополнителна наплата. Поголем дел од истите веќе се и правосилно завршени. Дополнително, Управниот суд и Вишиот управен суд ги потврдија Решенијата на Царинската управа”, појаснуваат од Управата.

Дополнителниот износ што треба да се плати за акцизите за увоз на еуродизел на Окта се однесуваат на периодот од 2014 до 2018 година. Првиот пат е донесено решение за фискалната 2014-та кое предвидува рафинеријата на државата да и плати дополнителeн износ во висина од 23,4 милиони денари (380.000 евра), сума којашто е исплатена во 2020-та. Вториот пат за 2015, 2016, 2017 година Окта треба да исплати уште 830 милиони денари (13,5 милиони евра).

Во меѓувреме, како што веќе објавивме рафинеријата во 2019-та поднела тужба поведувајќи управни спорови заради целосно поништување на овие решенија.Образложението на компанијата било дека има суштински прекршувања на процедуралните правила од страна на царинските власти и нивни пропусти при целосното и правилно утврдување на фактите, како и за правилното применување на законите.

Окта има намера да ја оспори ваквата одлука до највисоките судски органи во држвата, како и доколку е потребно да ја доведе до интернационалните надлежни институции”, посочуваат од компанијата во финансискиот извештај за 2021-ва.