Дрско а наивно ламентирање за стравот – или зошто, побогу, сме такви кукавици?

Пишува – Драган Милосављевиќ

Не треба многу ум за, дури и во овие хаотични времиња, да се види разликата во квалитетот на животот меѓу нас и нациите од таканаречениот Западен свет. Тие, барем солидното мнозинство од нив, имаат а ние немаме и во тоа лежи основата на проблемот. Да не невлегуваме како и зошто, важно е дека така стојат работите. Тие имаат среден систем, воспоставен и цврст поредок. Имаат плати со кои лесно може да се купи нов автомобил, добро уреден дом, патувања по светот и можност да си ги плаќаат сметките и долговите без особена грижа. Ние имаме страв. Тие имаат татковини на кои им веруваат, власт од која очекуваат и добиваат помош кога ќе загусти, а ние имаме страв. Тие знаат дека припаѓаат некаде, дека масата секогаш ќе биде полна, а машинеријата наречена држава во сите сегменти ќе функционира дури и кога тоа се чини невозможно. Ние, ајде да се преповторам, се препотуваме од страв, затоа што сето наведено го немаме. Тие имаат завиден степен на лична слобода и можност за избор и затоа, заедно со сите привилегии ги исполнуваат и своите обврски кон оној што сето наведено им го овозможува. Ние пак сме заглавени во дупка и цивкаме како жални зајци со паника во душата дека и последниот морков некој ќе ни истргне од шепите.

Но, не сме полоши од нив. Не генерализирам, ама навистина е така. Имаме хуманост и широкоградост барем во исти количини како нашите посреќни планетарни содружници. Не се покултурни од нас, не се поталентирани, поубави, подуховити и што е најважно, не се попаметни од нас. Луѓе како луѓе, со сите мани и вредности. Ама главното е дека не се преплашени од животот и затоа бараат од него се што може да им понуди. Ние квичкаме од денес до утре, тажиме по некои посреќни времиња, се жалиме над лошата судбина, пееме песни за „кутрото Македонче“. Македонче е, тврдам, најидиотската само измама која некогаш си ја залепил овој народ, небаре во неа ќе најде утеха и спас. Нема да најде ништо!

Во таа смисла неколку работи се важни. Прво, целото човештво се тркала како блесаво на еден смешен камен кој врти околу огнена топка едно пет милијарди години. Второ, јал-нејал, животниот век ни е срамно краток и што е уште пострашно, може да се прекине во секој момент дури и без предупредување. Трето, постои некаква чудовишно голема и за нас недофатна сила, која сето тоа го смислила и го спроведува. Некој ќе рече дека не е баш така, ама манекенот на мислата кој ги пишува овие редови е убеден дека тоа е најблиску до вистината. И четврто, истата таа сила, цинично или добронамерно ни дала мозок, памет, за да можеме да бараме вистини и да се толкуваме и себеси и бескрајот во кој временски сме заглавени. И кога веќе е така, а така е, стравот и малодушноста стануваат излишни категории. Затоа, доста со кукавичлук и барање оправдувања. Доста со колнење и запомагање над клетата судбина. Не се виновни соседите, не е виновна ЕУ, САД, Русија, Кина или не знам кој. Ние сме си виновни. Нека звучи наивно, ама мораме да се бориме по секоја цена. Секој ден, секоја недела, месец и година. Бидејќи ни е лошо. Ако стане уште полошо пак мораме да се бориме. И кога ќе биде поубаво уште повеќе да се трудиме. За себе, за своите семјества, за целото општество. Ако не чини Владата ќе ја смениме. Ако не чини и таа по неа и неа ќе ја шутнеме. И десет нека се труби, единаесетата ќе мора да биде виолина. Има страшна корупција, добро, ајде да ја намалиме со личен пример. Има многу криминалци, тогаш ајде да изградиме уште затвори. Нема добра плата и чесни правила на игра, ок, да се буниме и да не запираме со бунтот додека не ги добиеме. Со години, со децении, не е важно, протестот, ама оној креативен и непоколеблив протест, не смее да прекине. Има многу мршојадци, да ги намамиме со усмрдено месо и да ги ставиме во кафез. Да играме на крупно и да бараме многу, секогаш, секаде, Да се издигнеме над глупавото уверување дека „толку ни се силите“ и дека се е попусто. Не е!

На крајот сите ги чека истото. И тој што си фатил една девојка и тој со сто, ама богами и тој што жално чека цел живот таа прва да му се јави. Глупав е примерот? Можеби, ама првиот и вториот заработиле блажена насмевка на лицето, а третиот ене го, уште се нервира и на сите им раскажува дека нема правда на овој свет. Не, благодарам. Да тргнеме напред по она што е наше, па што биде нека биде.