Драстично намален бројот на македонски граѓани што добиваат бугарски пасош

Бројот на Македонци што стекнуваат бугарско државјанство бележи голем пад во последните две години поради новиот закон, кој прави сè потешко, па дури и невозможно за нив да дојдат до пасош на членката на Европската унија.

Ако во 2020 година Бугарија им издала 9.103 државјанства на македонски граѓани, до 5 октомври годинава тој број е само 1.409, од кои повеќето ја имале почнато процедурата според стариот закон, се вели во прилогот на комерцијалната телевизија БТВ.

Новиот закон, пак, им оди во прилог на барателите од Турција, од кои годинава над двојно повеќе добиле бугарско државјанство од Македонците – до 5 октомври вкупно 3.043.

„На улицата ‘Аксаков’ 5 во Софија веќе една година колоната на тие што чекаат пред Дирекцијата ‘Бугарско државјанство’ веќе е различна. Веќе ги нема вообичаените со години наназад граѓани на Македонија, Украина, Молдавија, Србија што чекаат да станат Бугари. Веќе претежно има луѓе што зборуваат турски“, констатира БТВ.

„Граѓанин на Македонија со бугарски пасош што сакаше да остане анонимен и кој добро познава десетици кандидати за пасоши ни раскажува дека Македонците веќе добиваат откази за наши документи за идентификација, како и луѓето со етничко бугарско потекло Украина, Србија, Албанија и Косово“, се додава во прилогот.

Причината за тоа ја објаснува заменикот-министер за правда Емил Дечев.

„Има една сериозна промена во Законот за бугарско државјанство од март 2021 година. Основната промена е неопходноста од документ што докажува дека кандидатите за пасош имаат предци што живееле во Бугарија за Турците и бугарско етничко потекло за Македонците, Украинците, Србите. Потребните документи се издаваат од општините. За турските граѓани што сакаат да добијат бугарско државјанство е прилично лесно, зошто тие треба да прикажат документ, пасош, на родителот. Кај граѓаните од Северна Македонија е потешко, зошто тие треба да извадат стари документи, често од 19. век“, објаснува Дечев.

„Се бара од кандидатите да достават документ на хартија дека на нивните предци им е запишано каква им е етничката припадност. За еден граѓанин на Македонија, Албанија или Србија невозможно е да достави таков документ од времето на Царство Бугарија“, вели македонски соговорник за БТВ, покажувајќи документи на браќа, сестри, татковци, синови Македонци, од кои едните добиле бугарски пасоши пред промените на законот, а другите отказ потоа.

Заменик-министерот Дечев додава дека на Македонците им е практично невозможно да добијат таков документ ни од својата држава Македонија по октомври 1944 година.