Драстичен пад на поддршката во Србија за членство во ЕУ

Последното официјално истражување во Србија покажа дека поддршката за пристапување во Европската унија драстично опаѓа, дури и пред блокот да го објави својот „предлог“ за отцепената покраина Косово.

На евентуален референдум за влез во ЕУ само 43 проценти од испитаниците во истражувањето на српското Министерство за европски интеграции (МЕИ) рекле дека ќе гласаат за, 32 отсто би биле против, 13 отсто ќе се воздржат и 12 отсто рекле дека не знаат. На прашањето што значи ЕУ за нив, 15 проценти се определиле за можноста да патуваат слободно, 14 отсто одговориле дека ќе имаат повеќе можности за вработување и 13 отсто сметаат дека тоа би донело „подобра иднина за младите луѓе“. Во меѓувреме, 13 отсто гледаат ризик од губење на културниот идентитет во Унијата.


Анкетата беше спроведена во средината на декември 2022 година. Извештајот на Блумберг забележа дека истото истражување во 2021 година покажало 54 отсто поддршка за пристапување во ЕУ, што значи пад од 11 процентни поени од тогаш.

Независната анкета спроведена во октомври, користејќи ја истата методологија, покажа поддршка за ЕУ од само 34,7 проценти, при што 48,8 отсто беа против, а 16,5 отсто неопределени. Покрај тоа, речиси 80 отсто од испитаниците се спротивставија на признавањето на отцепената покраина Косово како независна, како услов за приклучување кон Унијата.

И двете анкети беа спроведени пред да излезе во медиумите таканаречениот француско-германски предлог за Косово. Претседателот Александар Вучиќ потврди дека ЕУ бара Белград де факто да го признае Косово или да се соочи со губење на безвизното патување и инвестиции, што, според него, ќе значи санкции.