Драматичен пад: СДСМ загубила меѓу 70 и 90 илјади гласачи за нецела година

Според најновата анкета на американскиот Меѓународен демократски институт (ИРИ) која покажува огромна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ од 8 проценти, владеачката партија на Димитар Ковачевски се соочува со драматичен пад на довербата кај граѓаните.

Ако падот на довербата од 5 проценти на СДСМ се пресметува според бројот на гласовите на избирачкиот список на кој има околу еден милион и 800 илјади гласачи Ковачевски и неговата партија загубиле 90 илјади гласа за помалку од една година.

Ако за база на анкетата се пресметува дека во земјава реално има 1 милион и 400 илјади гласачи тогаш загубата на СДСМ за 11 месеци е околу 70 илјади гласа.

Оваа анализа се базира на иста анкета на ИРИ направена лани во ноември и на најновата анкета објавена денеска во која се користи иста методологија и сличен број испитаници.

Во број на гласови тоа би значело најмалку 150 илјади гласови предност за Мицкоски пред Ковачевски или соодносот од околу 370 на 210 илјади гласови разлика за ВМРО-ДПМНЕ.

Во зависност од распоредот на гласовите по изборни единици ВМРО-ДПМНЕ според анкетата е на прагот да освои мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

Анкетата покажува дека во случај утре да се одржат предвремени парламентарни избори 19% од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Согласно резултатите на извршената анкета, за СДСМ би гласале 11% од населението, 7% за ДУИ, а 6% за политичката партија Левица.

Овие бројки ќе бидат уште повисоки кога ќе наближат изборите затоа што во моментов граѓаните не се доволно анимирани за гласање.

Согласно податоците на анкетата, најголемиот број од испитаниците, поточно 60% сметаат дека земјава се движи во погрешна насока што е речи си двојно повеќе од лани, а како најголеми проблеми се истакнуваат слабиот стандард, високите цени и корупцијата.

Анкетата е спроведена по нарачка на американскиот институт ИРИ од агенцијата Брима врз репрезентативен примерок од 1,207 испитаници во периодот од 23 септември до 13 октомври