Др. Лозаноска: Правниот институт „ерга омнес“ неприменлив за промена на името

Можни се правни и политички импликации кои Договорот за името и комплексниот член 1 може да ги повлечат и внатрешно и надворешно. Тоа не само што ќе се одрази на сегашноста, туку и на иднината, а со тоа и на минатото и поради тоа неопходна е исцрпна научна и јавна дебата пред да се пристапи кон било какви промени за кои граѓаните не се ни запознаени, пишува во својот блог (http://respublica.edu.mk/blog/2018-09-19-09-41-16) д-р Јана Лозаноска, директор на Центарот за демократија и безбедност на Инстотутот Евро-Балкан.

Во опсежната стручна анализа на импликациите, др. Лозаноска посочува и на проблематичната примена на некоио од основните постулати на договорот.

„Проблемот понатаму кулминира со инсистирањето на примена на правниот институт erga omnes(кон сите) – чиј извор согласно грчките конструкции црпи основи од наследно право. Erga omnes како правен институт постои и во меѓународно јавно право. Тука спаѓаат забраната за агресија, геноцид, ропство, расна дискриминација и тортура“,пишува др. Лозаноска и појаснува дека, „еrga omnes во македонско-грчкиот спор црпи основи од имотното право. Во таа насока треба да се прашаме за какво наследство односно имот, и тоа ексклузивен, станува збор? И, дали тоа може да служи како основа за барање за преименување на држава во сегашноста која има сопствени граници и правен и политички систем?“, прашува др. Лозаноска.

„Оттука и имајќи ја во предвид оваа разлика на ефектот и примената на овој правен институт, името на државата не може да преставува обврска која произлегува од erga omnes како институт на меѓународно јавно право поради содржината на самото прашање “, констатира таа.

За неа сржта на Договорот е во членот 1, кој е мошне комплексен и е во целосна контрадикција со преамбулата на самиот договор. Она што е контрадикторно помеѓу нив е повикувањето кон Повелбата на Обединетите Нации и Завршниот aкт од Хелсинки, кои од една страна потврдуваат немешање во внатрешни работи на државите и добрососедство, а од друга страна договорот подразбира целосно внатрешно преструктуирање и редизајнирање.

„Наметнување готови политички решенија под притисок на никому нема да му донесе никаква корист ниту на среден, а уште помалку на долг рок“, заклучува др. Јана Лозаноска.