Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја испофали полицијата во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
„Ако погледнете компаративно, ќе видите дека во 2015 година довербата во полицијата била 23 проценти. Има причини зошто тоа е така: не само условите за работа, сè она што ни се случуваше во тој дел, прислушувањето во огромни размери, кумановските настани и многу други активности. Визави на тоа, денес довербата во македонската полиција е околу 65 проценти. И тоа еве веќе неколку години наназад. Тоа се релевантни истражувања коишто ги имаме. Второ, ако го погледнеме глобалниот индекс за мир, којшто секоја година покажува како напредува земјата, ние имаме раст од 36 места на таа листа, споредено од 2017 година до денес. Тоа се егзактни податоци. Тие може да му се допаѓаат некому, а некому не, но тие се такви какви што се“, изјави Спасовски, кој е на чело на МВР од ноември 2015 година, со три неколкумесечни прекини.