Донарума: Беше болно, многу болно. Деновите по поразот од Македонија беа тешки

Голманот на фудбалската репрезентација на Италија, Џанлуиџи Донарума, сè уште не може да го преболи поразот од 1:0 против Македонија во полуфиналето од мундијалскиот бараж во Палермо, кој го остави европскиот шампион без настап на Светското првенство во Катар.

„Беше болно, многу болно. Деновите по поразот од Македонија беа тешки, но, за жал, нема враќање назад. Тоа што го направивме на ЕП, тоа ќе остане во историјата. Но, Италија требаше да биде на Светското првенство. Сè што можеме да направиме е да гледаме напред и да почнеме од почеток“, изјави за Франс прес 23-годишниот чувар на мрежата на „аѕурите“ и на Пари Сен Жермен.

Донарума беше матиран од Александар Трајковски во втората минута од судиското продолжение на стадионот „Ренцо Барбера“, кога македонскиот напаѓач биеше прецизно од дваесетина метри по земја.