Од мај годинава папата Франциско – водач на повеќе од една милијарда римокатолици ширум светот – оди со помош на бастун или со инвалидска количка.
Затоа, првиот човек на медицинскиот тим на „Атлетико Мадрид“, д-р Хозе Марија Виљалон е повикан во Ватикан да помогне во лекувањето на папата Франциско, кој боледува од артритис на коленото, открива Би-Би-Си.
Во последните месеци, 85-годишниот папа откажа различни активности, вклучително и патување во Африка, поради проблеми со одењето.
Во интервју за шпанската радио станица Копе, д-р Виљалон рече дека е „оптимист дека на папата може да му се помогне“, но призна дека презафатениот распоред на папата го отежнува лекувањето.
„Ќе треба да се понуди поконзервативен третман“, рече тој, бидејќи папата одби операција. Артритисот на папата предизвикува оток на неговите зглобови, објасни тој.
Хозе Марија Виљалон рече дека папата бил „многу љубезен“, но и „многу тврдоглав“ бидејќи одбил да оди на операција.
Папата е голем навивач на аргентинскиот клуб „Сан Лоренцо“ – не на Мадрид. Сан Лоренцо е од Буенос Аирес, градот каде што е роден понтифот под име Хорхе Марио Бергољо.
