Не оваа среда, другиот понеделник. Тогаш ќе почнеле со масовна вакцинација. А вакцините ги имаа уште во понеделникот. И тоа во 13 часот ќе стартувале. Да отспијат до пладне и да се одморат од слободниот ден што си го дадоа. Да бапнат по едно кафенце, па ќе истрчале на теренот во салата „Борис Трајковски“.

И додека бројот на мртви од Ковид-19 галопира кон 4.000, а Доктор Хаос во почетокот на епидемијата во „Нашата Земја“ предвидуваше пик со 2.000, но заболени, тој и „стручњаците“ околу него, мртви ладни, си прават ладна проба?! Мртви сериозни, при колку-толку вакцини, се тегават цела недела и симулираат боцкање додека бројот на мртви достигна педесетина на ден!

Не знам зошто, но паметот ми оди накај – битката за Неретва. Може ли некој да замисли и Тито со ваква ноншалантност да се однесувал пред 78 години во четвртата офанзива, позната уште и како битка за ранетите? При инженерци и обезбедени метални конструкции, да ја одложувал една недела изградбата на мостот до намерно урнатиот од партизаните, додека врз нивните глави паѓаат бомби и гранати од непријателот? Централната партизанска болница со 4.000 ранети и болни од тифус, најверојатно, ќе ја доживееше судбината на безмалку исто толку несреќници во Македонија што го загубија животот од невидливиот непријател додека Доктор Хаос командува со „отпорот“.

Наместо веднаш да се фатат за работа по четиримесечно доцнење со вакцинацијата во споредба со Србија, на пример, поважно им беше да ја излепат најголемата спортска арена во државава со огромни (двојазични) банери. За тоа морало да има пари, иако не е докажано дека ќе спаси некого, освен уценетите од „ДУИ-нг бизнис“ со паѓање на Владата. А заболените нека се снаоѓаат како знаат и умеат за антиковид лекови и нека плаќаат астрономски суми за македонски услови по болниците за лекување. И тоа откако граѓаните на една од најсиромашните земји во Европа од свој џеб досега платија и над 10 милиони евра само за тестови!

Доктор Хаус е главниот јунак на истоимената медицинска драма на американската телевизија Фокс, генијален лик што нема болест за која нема дијагноза. Серијата доживеа планетарна популарност меѓу 2004 и 2012 година со своите 140 епизоди и седум сезони.

Нашиов Доктор Хаос не е баш популарен како Доктор Хаус, напротив, иако во почетокот на епидемијата измислија и стикери со него во поза на Супермен за да го популаризираат, па и слоган „Слушај го Венко“. И еве веќе цела година упорно бараат да го слушаме, а тој и премиерот не се симнуваат од мотоцикли, квадови, моторни санки и хеликоптери, симулирајќи битка со коронавирусот додека сè повеќе граѓани се борат за здив и за слободен кревет по болниците.

Таквите ликови во фудбалот се познати како симулатори – играчи што глумат (повреда или прекршок, обично за пенал). Доктор Хаос и Мистер Ваксајнс одамна „плачат“ за најстрога казна. Додека „судијата“ се смилува да покаже на белата точка, егзекуторот што треба да ја изведе уште отсега мора да е подготвен, зошто, едноставно, нема право на грешка. За Македонија да не го плаќа повеќе со човечки животи симулирањето на владеење веќе четири години.