Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, денеска пред медиумите рече дека недостасуваат делови од договорот со изведувачот Бехтел и Енка што на „Антикорупциска“ и го достави Владата.
Првиот човек на ДКСК вели дека сите членови на нејзината комисија поседуваат безбедносни сертификат и затоа очекувале да им биде доставен целосниот договор со американско-турскиот конзорциум кој ќе ги гради автопатите од коридорите 8 и 10д.
„Ги информирав дека не сме добиле целосен договор, разговарав со генералниот секретар на Владата и тој ме извести дека тоа е верзијата доставена до Собрание. Очигледно е дека фалат прилози и така ни се усложнува работата како и да е. Битно е да видиме на што се однесуваат тие прилози и ако има потреба, ќе ги побараме и нив, рече Ивановска.
Таа додаде дека од она што го има во актуелната верзија доставена до ДКСК, ќе се разгледаат деловите од законите, лиценците, надзороот, трасата и експропријацијата. Сето тоа веќе е распределено кој ќе го работи посебно.