Доцна стигна ЕУ во Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Европската унија се вознемирила од праксата на власта во Македонија да става европско знаменце на законски проекти што немаат „блага врска“ со европското законодавство, а во контекст на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во земјава. Евроамбасадорот Дејвид Гир ја повтори загриженоста на Унијата од нејзината злоупотреба за туркање на мала врата на антиевропски законски решенија, а во суштина за заобиколување на отпорот на опозицијата за зделката за која во старт има индиции за корупција.

„Фалеминдерит шум“ мистер Гир, но силеџиството на Артан Груби и на сопартијците од ДУИ, заедно со нејзините подизведувачи од Се-Де-Се-то, не е ништо ново во жална Македонија. Ново е само изненадувањето на Брисел од газењето на демократските, на уставните и на законските процедури од инсталираната булумента на власт во „Нашата Земја“.


Токму по сугестија од ЕУ, поточно од тогашниот еврокомесар за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, истите овие од кои сега се чудат педантно ги спроведоа бараните балкански методи за ништење на суверената волја на две третини од македонските избирачи, кои со бојкотот на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година не дадоа зелено светло за промена на името на државата. Арно ама, Унијата беше меѓу првите што го поздрави преименувањето, за што пресудни беа гласовите на осумтемина уценети пратеници на опозицијата.

Европската унија не мрдна со прст ни при не помалку скандалозното донесување на Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот стана службен на целата територија на државата. И тогаш, како и сега со „Бехтел и Енка“, главната улога ја одигра Груби како претседател на собраниската Комисија за европски прашања, преку која по скратена постапка ја избоксува двојазичноста, иако европската регулатива не познава таква обврска за земја-кандидат за членство. Еден куп забелешки за Законот даде и Венециската комисија, но ЕУ и тогаш молчеше за злоупотребата на европското знаменце, а молчењето секаде во светот, па и тука, значи – одобрување.

Европското „чудим“ за егзибициите на Артан и на пајташите околу него, кои се чувствуваат толку недопирливо што си дозволија да заиграат и фудбал во министерството со кое раководи тој, дотолку повеќе зачудува што „талентиве“ не се од вчера. „ДУИ-нг бизнис“ со македонската држава се мајтапира, што би рекол пратеникот Мартин Костовски од „помалиот“ владин партнер СДС, веќе две децении, а Груби ѝ беше пред очи на Делегацијата на ЕУ во Скопје уште како советник на поранешната холандска амбасадорка Симоне Филипини. За каков „габарит“ станува збор можеа да се уверат и кога се докажуваше како хулиган во физичката пресметка со „комитите“ на скопското Кале.

Оттука, и Гир, и Унијата во моментов неодоливо потсетуваат на изреката „доцна Марко стигна на Косово“. Ако реагираа навреме за честото користење на европското знаменце како проверен начин за прескокнување на опозицијата, која, патем, според сите анкети во моментов има неспоредливо поголема поддршка од граѓаните во однос на власта, сега немаше да има потреба од укажувања и од негодувања. И немаше да им се даде храна на злонамерните, според кои на Брисел му е криво што бизнисот во Македонија вреден 1,3 милијарди евра на хартија, а во реалноста многу повеќе, го доби американско-турски конзорциум, а не европски, како на пример (грчки) „Актор“, кој го изгради делот од автопатот од Демир Капија до Смоквица.

Најсетне, ни растечкиот евроскептицизам немаше да се изостри толку како во последниве пет-шест години, кога поддршката за членство во ЕУ од над 90 проценти во првите две децении по осамостојувањето на Македонија се стрмоглави на 64 отсто според последните анкети. Реално, и таа не е мала со оглед на разочараноста на граѓаните, посебно на Македонците, од често непринципиелната политика на Унијата кон Македонија и нејзината евроинтеграција.

Мнозинството од сè уште неиселените страдалници во ова парче балканска земја што, без лажна скромност, ја има задолжено европската цивилизација и култура, за чудо, и понатаму ја посакуваат Европската унија, но таа заснована на вистинските европски вредности за кои се залагаа нејзините основачи Шуман, Моне, Аденауер… Заедница на рамноправни држави и народи, со фактичко, а не само декларативно почитување на различностите. И на идентитетите.