Добива ли Ковачевски алиби од ДУИ да се пресмета со еден од најблиските луѓе на Заев во владата?

Влезот на Алијанса за Албанците во владата ќе предизвика низа турбуленции во владините ресори но отвара и можност за дел од актерите да ги стабилизираат своите позиции и да елиминираат луѓе кои не им се допаѓаат.

Извори во СДСМ очекуваат влезот на АА во владата да му овозможи на премиерот Ковачевски елегантно ,,политички да го елиминира” министерот за земјоделие Љупчо Николовски кој важи за еден од најблиските луѓе на Зоран Заев во владата.

Во времето на Заев Николовски беше министер и вицепремиер а беше и генерален секретар на партијата.

Сценариото според кое сега Ковачевски би се пресметал со еден од кадрите на Заев во владата е во размената на министерските позиции ДУИ да го побара министерството за земјоделие каде ќе може да располага со огромен број на проекти каде лично финансиски се помагаат граѓаните.

Во таков случај Ковачевски без да отвара директна војна со Заев и Николовски би го информирал министерот за земјоделие дека СДСМ го губи овој ресор заради барањето на ДУИ.

Во ова сценарио претпоставено е дека Алтернатива нема да замине од владата и со тоа ќе нема ниту едно слободно министерско место за Николовски.

Николовски според партиските извори би добил понуда да почека да замине за амбасадор или да биде директор на една државна институција.

Засега Ковачевски се уште не сакал да ја спроведе оваа операција за елиминација на Николовски во очекување на следните чекори на Заев кои внимателно се следат од актуелното раководство на СДСМ.

Дел од раководството барало итна смена на Николовски поради неговата моќ во медиумите и социјалните мрежи под контрола на СДСМ но Ковачевски инсистирал да се почека со пресметката со фракцијата на Заев, тврдат извори на Бихаќка за expres.mk.

Од друга страна ДУИ со задоволство би учествувало во елиминација на луѓето на Заев откако беа објавени информации дека екс премиерот организира план за идна влада во која не би била партијата на Ахмети.