Акцијата на Комерцијална банка била најтргувана на македонскиот пазар на капитал во април годинава, покажува месечниот билтен на Берзата.

Просечната цена што ја достигнала акцијата на најголемата македонска банка е 12.779 денари, а биле истргувани дури 18.842 акции на таа банка. Со акциите на Комерцијална банка бил направен промет од 3,7 милиони евра, а нејзиното учество во вкупниот берзански промет било 45,2 отсто.

Втора најтргувана акција на официјалниот пазар на Берзата била таа на фармацевтската компанија „Алкалоид“, чија просечна цена во април била на ниво од 18.115 денари, а истргувани се 3.829 акции. Вкупниот промет што во април бил достигнат со акциите на „Алкалоид“ изнесувал 1,13 милиони евра, а неговото учество во вкупниот промет изнесувало 13,75 отсто, покажува билтенот на Берзата.

На трето место по обем на тргување е акцијата на градежната компанија „Гранит“, чија акција имала просечна цена од 1.419 денари, а вкупниот промет кој бил постигнат со оваа акција изнесува 795 илјади евра, што е учество од 9,71 отсто во вкупниот промет.

На четвртата позиција во најтргуваните акции избила акцијата на фармацевтската компанија „Реплек“, чија просечна постигната цена е 102.711 денари, а преку тргувањето со оваа акција е остварен промет од 687 илјади евра, што во вкупниот промет учествува со 8,39 проценти.

Петтото место, пак, во листата на најтргувани, во април го обезбедила акцијата на Стопанска банка Скопје, со просечна цена од 1.519 денари. Со оваа акција вкупната сума на направен промет изнесува 462 илјади евра.

Потоа, во топ десетте најтргувани акции доаѓаат уште една банка, НЛБ Скопје, па најголемиот нафтен дистрибутер „Макпетрол“, а по нив е позиционирана Стопанска банка од Битила. ТТК банка и „Макстил“ се последните трговски друштва на листата на најтргувани акции за април, говори билтенот на Берзата.

Линк до целиот текст на „Фактор.мк“