До точен број на православни само преку нов попис

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски во денешното интервју за МИА вели дека намалениот број на православни верници во Македонија на последниот попис, покрај лошата поставеност на графите, се должи на бојкотот од страна на граѓани.

Според него, процентот може да се коригира само со нов попис.

(Во објавените резултати од пописот стои дека запишани се само 847.000 граѓани како православни, а 242.579 граѓани од попишаното резидентно население се изјасниле само како христијани)

„Јас го соопштив мојот став, запрашан од медиумите во тие неколку денови на поинтензивни реакции на јавноста. Јас имам целосно разбирање за ваквите реакции, и во делот на изјаснувањето за религија реакциите кои беа присутни во јавноста се целосно оправдани.

Резултатите кои што се производ на пописот на населението во делот на религиската определеност на самите граѓани не ја одразуваат вистинската фактичка состојба која ја имаме на теренот“, вели Сотировски.

Тоа е условено од неколку фактори.

Првиот фактор е онаа бројка на административно попишани лица за кои што не се водат податоци за нивната религиска определба;

Другиот фактор е процентот на изјаснети како христијани што е религиска определеност, а не вероисповед, па и тоа прави свој придонес во целосно несовпаѓање со вистинската состојба на теренот;

Третиот, но не помалку важен фактор е апстиненцијата на голем дел од граѓаните и повикувањето да се бојкотира пописот на населението, што исто така може мултиперспективно да се анализира, но и тоа доведе до ова да имаме резултати кои не соодвествуваат на реалната состојба и тоа е факт.

Сотировски вели дека согласно сите податоци кои ги имаме, не дошло до значително поместување на религиската процентуална застапеност на различни граѓани, но ваквите резултати ни даваат една поразлична слика која што ценам дека ќе може да се коригира само при нов попис…