До 2027 година со воз од Скопје до Софија, по 2030 и на море во Албанија

Скопје и Софија ќе се поврзат по железнички пат до 2027 година, а по 2030 година ќе може да се патува со воз и на море во Албанија, бидејќи дотогаш ќе биде изграден транспортниот коридор 8.

Ваков договор падна на тристраната средба во Софија на првите луѓе на „Македонски железници – инфраструктура“, Хари Локвенец, на бугарската Национална компанија „Железничка инфраструктура“, Красимир Папукчиски, и на „Албански железници“, Ани Дурмиши.

Според домаќинот на состанокот Папукчиски, активностите на коридорот се доста напреднати, останува да се изгради еден дел меѓу Македонија и Албанија во близина на Охридско Езеро, каде што УНЕСКО не се противи на изградбата. Следниот месец трасата се очекува да биде расчистена.

„Должината на коридорот 8 е околу 500 километри. Ние сме веќе во завршна фаза на делницата Радомир – Ѓуешево, со рок на извршување до 2027 година, до кога треба да биде готова и делницата од Северна Македонија до Бугарија. На наша територија има за изградба 101 км. Северна Македонија има извршители од Скопје до Крива Паланка, а во моментов има тендер за изградба на делот од Крива Паланка до Деве Баир. Тунелот кај Деве Баир ќе се гради истовремено од двете земји“, изјави Папукчиски.

Во трите држави се изградени околу 150 км од железничката врска. Македонија и Албанија обезбедија кредити за проектот, а Бугарија смета на финансирање од механизмот на ЕУ „Поврзана Европа“.