Македонија се соочува со сериозни и крајно штетни последици од екстремно и пред се неконтролирано политичко влијание врз управувањето со човечки ресурси во АРМ, АР и другите безбедносни служби?

Како една од можните последици на ваквата очајна ситуација во секторот безбедност (која подетално е објаснета подолу во овој текст) е блокада на разузнавачки информации кон Македонија затоа што нашите стратешки партнери веќе нема да ни веруваат за безбедносни и други прашања кои ги допираат и другите глобални фактори кои имаат сериозен интерес за Македонија и регионот.

Странски дипломати се уште не можат да разберат зошто Антикорупциската комисија под политичко влијание се обиде да скрие системски проблеми во Агенцијата за разузнавање а западните партнери за анализа веќе имаат нови случаи од кои произлегува темелно нарушување на довербата во македонскиот систем за безбедност.

Со последниот случај на неиздавање на НАТО сертификати на четворица армиски генерали и неиздавање на агреман за полковникот Секуловски како и предвремено враќање на неговиот асистент од Брисел, контраразузнавачката служба на НАТО ги лоцираше системските слабости во македонскиот безбедносен систем.

Второ и не помалку важно НАТО службите ја открија компромитираноста на целиот пропаднат систем за вршење на безбедносна проверка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Воената служба за безбедност и разузнавање (ВСБИР) како и на постапката на Дирекција за безбедност за класифицирани информации (ДБКИ) за издавање на национални безбедносни сертификати и НАТО и ЕУ сертификати.

Од досега објавеното и брифираното за последните скандали се уште не е прецизно утврдено дали се работи за коруптивно однесување на инволвираните или пак се работи за непријавени активности со непријателски служби на високите старешини во АРМ и МО како и во мисијата на Македонија во НАТО?

За жал што и да е во позадина на реакцијата на НАТО Македонија ја става во ситуација од Брисел да биде третирана како земја со безбедност на ниво на “швајцарско сирење” односно системски слабости кои не можат да бидат одстранети на краток рок и без сериозни кадровски резови.

Постојат повеќе причини за тоа:

Според нашите податоци од МО кое го води Радмила Шеќеринска, вратениот од НАТО полковникот Зоран Секуловски бил претседател на комисијата за избор на воен и цивилен персонал на МО и АРМ кој се испраќал во воени мисии во странство и тој дал согласност за неговиот асистент (исто така вратен од НАТО) да замине во Брисел.

Друг компромитиран одбранбен претставник кој е син на пензиониран армиски генерал кој и самиот бил воен преставник на Македонија во мисијата на НаТО во Брисел, имал зачестени непријавени активности со воен офицер на непријателска служба на НАТО со кого дури играл и тенис.

Тоа ја прелеало чашата кај воените контраразузнавачи во НАТО по што превентивно бил вратен во Скопје од своите претпоставени.

Сега веќе пензионирани офицери на АРМ откриваат дека контакти од една пријателска земја членка на НАТО подолго време посочувале, дури пораката била испратена и преку медиуми, дека пред Македонија да стане членка на НАТО истражувајќи просрпски армиски офицери во АРМ направиле списоци со ризични и помалку ризични лица. Списоците биле доставени до соодветни контакти во Скопје но ништо не било преземено по ова прашање.

Проектот на службите на пријателската земја наречен “Длабоки врски во Македонскиот безбедносен систем” е заснован на истражување по основ на школување на македонски офицери во српските воени школи, мешани бракови со српски државјани и втора генерација Армиски офицери чии родители имале просрпска ориентација.

Меѓу нив се споменуваат и дел од овие сега “проблематични кадри” но и уште неколку високи раководители и функционери во Безбедносниот систем.

Ако се погледнат биографиите на државниот секретар во МО, Драган Николиќ, Директорот на ДБКИ, Стојан Славески и Раководителот на ВСБИР, Горан Василевски се забележуваат елементи кои теоретски се совпаѓаат со основите за истражувањето на пријателската држава од НАТО.

Имено, во домашни и странски безбедносни кругови на раководителот на ВСБИР, Василевски му се забележува неговата нескриена политичка ориентација која успешно ја користи за да се заштити од произвката за контакти кои се чудни за една држава која сега е членка на НАТО а била аспирант уште од 2002.

Василевски кој беше дел од “Шарената револуција” воопшто не криел објавување на стручни трудови во часописот “Воено дело”, на Српското министерство за Одбрана во 2013 година.

Во ова списание каде пишуваат претежно важни луѓе од српските безбедносни ешалони Василевски е единствениот странец автор што и дома но и во Брисел ја отвара дилема со што македонскиот “безбедњак” ја заслужил довербата на српската безбедносна научна елита.

Посебен проблем за довербата на НАТО кон македонската безбедност е периодот што сега високи офицери и функционери на АРМ или други служби го минале во Српската армија кога Македонија веќе прогласи независност.

Која и каква е поврзаноста во овој контекст меѓу актуелниот директор на ДБКИ Стојан Славески, полковникот Зоран Секуловски, генералот Мирослав Стојановски (сега советник на Шеќеринска) кого Хрватите го обвинуваа за учество во масакрите на ЈНА во Вуковар во 1991 и пензионираниот Генерал Здравко Поповски, е прашање за кое ние овде можеби не можеме да ги дадеме сите одговори но извесно е дека НАТО може.

Тоа што на пример Генералот Мирослав Стојановски има страница на Википедија на српски а нема на македонски јазик не мора да е никаков доказ за аномалија но сепак е индикатор кој мора да биде проверен од сите инволвирани во македонската безбедност вклучително и НАТО.

Враќањето на полковникот Секуловски и неговиот асистент кого сам го избрал е втора системска компромитација на наши преставници во мисиите во Брисел под директна надлежност на врховниот командант Стево Пендаровски и министерката за одбрана Шеќеринска .

Во претходни скандали двајца разузнавачи на Агенцијата за Разузнавање беа приведени од Бриселската полиција откако биле фатени во уништување на класифицирани информации во тоалети на тамошните локали во близина на седиштето на НАТО.

За овој скандал се уште нема казни и одговорност, при што принципот на неказнивост ја отвора портата и за други скандали.

Наместо казна, преставник на Агенцијата за разузнавање е вратен во Скопје и веднаш е испратен како офицер за врска во една балканска дестинација а на негово место во Брисел е испратен аналитичар кој има негативен полиграфски тест за соработка со странска разузнавачка служба.

Македонските политички фактори пред сите Пендаровски, Заев, Шеќеринска и Спасовски толерирани од западните служби поради Преспанскиот договор досега можеа поради свои и партиски политички интереси и контакти да прогледуваат низ прсти за направените пропусти.

Но притоа треба да знаат дека сите кадри кои сега се на функција се под сериозен ветинг, не само на контраразузнавачката служби на НАТО и ЕУ туку и на меѓународната стручна јавност која понекогаш има повеќе информации од самите нив.

Одговорноста за обидите за пробивањето на внатрешната безбедност на НАТО веќе не може да се крие со одлуки на последниот шеф на генералштабот на ЈНА Кадиевиќ или првиот началник на АРМ Боцинов.

Погоре наведените лица од кои дел се столбови на македонската безбедност и одбрана се избор на државно – владиниот врв и затоа во иднина одговорноста за резилот што ќе ни го донесе во НАТО или друга институција е само нивна.

Колку повеќе мислат дека оваа работа може да помине со молк и ставање на главите во песок толку полошо за нив и за Македонија. За вакви и слични скандали во земји кои се членки на НАТО мора да следува одговорност.

Тоа што во Македонија досега никој не презеде одговорност не значи дека таа исчезна и дека наскоро нема да мора да биде преземена а притоа нема да може да настрада некој невин политички противник туку тие за кои се знае дека се дел од “Длабоката држава” во безбедносниот сектор, знаат за неа или морале да знаат.