Директорот на АСМ Наумче Мојсовски се соочува со затворска казна до 20 години

Откако Државниот завод за ревизија утврдил неправилности во работењето на Агенцијата за млади и спорт а Антикорупциската комисија најави кривична пријава за директорот, екс ракометната ѕвезда Наумче Мојсовски се соочува со затворска казна меѓу 6 месеци и 20 години затвор.

Според најавите за делата за кои може да биде гонет Мојсовски во зависност од ставот од членот 353 од Кривичниот законик тој може да мине затвор над десетина години.

Со оглед на тоа што се работи за сериозна сума на пари и за сериозна штета направена врз буџетот Мојсоски би одговарал за членовите кои носат меѓу 5 и 20 години затвор.

Целиот член 353 од Кривичниот законик кој се однесува на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Член 353

(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.

(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.

(5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Правни експерти тврдат дека за Мојсовски поради висината на штетата врз буџетот се однесува членот 5 од членот 353 каде најмала казна е 5 години за најголема казна 20 години затвор.

Претходно Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) најави дека до Јавното обвинителство ќе достави иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, и членовите на Централната комисија на АМС поради сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови.

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Антикорупциска бара кривично гонење на Наумче Мојсовски за злоупотреба на системот за финансирање спортски клубови.

Во извештајот од ревизијата во Агенцијата за млади и спорт (АМС) за 2021 година, кој во ноември лани го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР), беше посочено дека Агенцијата не спровела внатрешни контроли кои би требало да обезбедат наменско и законско користење на средствата кои им се префрлаат на националните спортски федерации за реализација на нивните активности.

Дополнително, во извештајот беше посочено оти АМС не поставила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на федерациите, а склучените договори со нив не содржеле одредби со кои би се допрецизирала намената на одобрените средства.

„Во врска со распределбата на средства до националните спортски федерации, АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на федерациите согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности, а склучените договори со нив не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства“, се наведува меѓу другото во извештајот од ДЗР.

Агенцијата за млади и спорт (АМС) не спровела конкретни внатрешни контроли кои би требало да го обезбедат наменското и законското користење на средствата кои се префрлаат на националните спортски федерации за реализација на нивните активности.

Ова е наведено во ревизорскиот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), врз основа на извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на Агенцијата на сметката на основниот буџет за 2021 година.

„Во врска со распределбата на средства до националните спортски федерации, АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на федерациите согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности, а склучените договори со нив не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства“, се наведува во ревизорскиот извештај од ДЗР.

Дополнително, од ДЗР наведуваат дека во дел од финансиските извештаи за потрошените средства што се префрлени на националните спортски федерации не содржат целосна документација за сите средства кои се примени од АМС.

„Дел од документацијата по основа на подигнати девизи од банка и реализирани патувања на спортисти во странство е неуредна или целосно недостасува поради што не може да се поврзе со направените трошоци, дел од НСФ исплатиле прекумерен износ на средства за исплата на раководните лица во федерациите, а вршен е и трансфер на средствата од наменските сметки на НСФ кон спортски клубови без да се обезбеди соодветна документација за реализираниот трошок“, стои во извештајот.

Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека се утврдени и слабости во спроведениот попис на средствата и обврските, а евидентирано било и салдо во значителен износ на позицијата за инвестиции за кое, како што велат од ДЗР, не добиле соодветни објаснувања во врска со објективноста.

„Во поглед на реализацијата на капиталните инвестиции на кои работи АМС, кај шест објекти констатиравме значително доцнење во поглед на реализацијата на градежните работи при што се јавува и неизвесност во врска со идно завршување на овие објекти“, се додава во извештајот на ДЗР.

Меѓу другото, ДЗР се осврнува и на повеќе судски спорови во кои, како што наведува, АМС се јавува како тужена странка, а чии што разрешувања може дополнително да го оптоварат финансиското работење на Агенцијата во иднина.

За констатираните состојби, ревизијата дала препораки со цел да се надминат утврдените состојби во наредниот период.

„Агенцијата за млади и спорт (АМС) да воспостави соодветни критериуми за распределба на средствата од нејзините програми до националните спортски федерации (НСФ) и спортистите, како и ефикасни интерни контроли на трансферираните средства кон НСФ“, се дел од клучните препораки во ревизорскиот извештај што го објави денеска Државниот завод за ревизија (ДЗР).