Техничкиот директор на Бугарскиот фудбалски сојуз, Георги Иванов-Гонзо, предизвика бурни реакции со коментарите дека ниту еден фудбалер со „друга боја на кожа“ не смее да игра за националниот тим.

„Стојам зад моите зборови дека мојата желба е да ја гледам Бугарија со бугарски играчи“, повтори Иванов, откако се соочи со критики на социјалните мрежи.

„Сè додека сум директор, нема да игра странски играч, со странски пасош, со друга боја на кожата“, изјави Иванов во вторникот за Националното радио, непосредно по средбата со младинскиот тим на ФК Монтана.

„Не сакам играчи од други земји да ги заменат бугарските. Некои земји може да го направат ова, но тоа за мене е погрешна практика“, додаде тој.

Зголеменото присуство на странски играчи во фудбалската лига и дали тоа го блокира развојот на локалните таленти е топ тема со години.

Во овој век, неколку фудбалери од Бразил заиграа за Бугарија. Играчи родени во Србија, како Зоран Јанковиќ и Предраг Пажин, беа дел од бугарскиот тим на Европското првенство во 2004 година.

Селектор на бугарската репрезентација во моментов е Србинот Младен Крстаиќ, поранешен среден бек на германските тимови Шалке 04 и Вердер.

Георги Иванов е поранешен напаѓач и еден од најдобрите стрелци на Левски во раните 2000-ти. Се пензионираше во 2009 година. Оттогаш гради менаџерска кариера во лигата, а накратко беше привремен селектор на репрезентацијата во 2022 година.

Во октомври 2019 година Бугарскиот фудбалски сојуз беше казнет од УЕФА поради расистички скандирања за време на натпреварот меѓу Бугарија и Англија.

Претседателот на Фудбалскиот сојуз, Борислав Михајлов, поднесе оставка по оваа контроверза, но потоа ја повлече својата одлука. Неодамна беше предизвикан од поранешната ѕвезда на Манчестер Јунајтед, Димитар Бербатов, кој претендира на претседателската функција во иднина.