Др Џабир Бајрами од ДУИ, член на Извршниот одбор на Лекарската Комора на МК и директор на ЈЗУ Здравствен Дом Кичево е човекот кој освен што се изживува со лекар Македонец прави свесна финансиска штета на здравствената институција која ја води.

Директорот лекар свесно и без никаква законска причина не дава специјалистичко место на лекар специјалист Македонец со што друга приватна здравствена ординација е во монополска ситуација и заработува огромни пари, реагираат вработени во приватни компании кои ја знаат состојбата и бараат медиумска помош за да се реши проблемот.

Ситуација која смрди на корупција почнува во март 2019 година во ЈЗУ Здравствен Дом Кичево каде заради пореба од таков медицински кадар го испраќа Др. Илија Стојаноски да специјализира медицина на трудот.

Др. Стојаноски во редовен рок од 4 години, во март 2023, успешно ја завршува специјализацијата на медицинскиот факултет во Скопје и се стекнува со звање специјалист по медицина на трудот, по што се враќа на работа во Здравствен Дом Кичево.

Но, наместо да добие работен ангажман како доктор специјалист и соодветни услови за работа за вршење на систематски прегледи, директорот Др Џабир Бајрами (ДУИ) и понатаму го ангажира само како општ лекар.

Др. Стојаноски за ова деградирање во август оваа година со допис се обраќа и до министерот за здравство Меџити и до заменичката Манојлева, но не добива никаков одговор.

Навидум ова е нелогичен и несфатлив проблем, и се движи меѓу можноста причината да е лична или етничка бидејќи Здравствен Дом Кичево не му дава можност да работи како специјалист по медицина на трудот на лекарот кој истиот Здравствен Дом го испратил на специјализација, затоа што болницата има потреба од таков кадар.

Но, одговорот лежи во бизнис интересот на приватната поликлиника “ЕРА Медика” од Кичево, која во последниве неколку години има монопол во општината за вршење на систематски здравствени прегледи на сите вработени на територијата на општина Кичево.

Бројот на прегледи воопшто не е мал, бидејќи само американската инвестиција КСС брои 1.500 вработени, ТЕЦ Осломеј има околу 1.400 вработени, Комуналното претпријатие има 200 вработени, МВР-Кичево има околу 250 вработени, во општината работат околу 150 административци, ЈП Студенчица има 150 вработени, плус во помалите државни подрачни единици, како и во приватните компании во Кичево има дополнителни 3.000 вработени.

Тоа е сериозна бројка на вработени чии работодавци по закон се должни да им направат систематски преглед еднаш на 18 месеци, а некогаш и почесто доколку има зголемен ризик на работното место. И наместо парите кои се даваат за систематски прегледи на вработените од државните и приватните компании во Кичево да се влеваат на сметката на Здравствениот Дом, тие без конкуренција од Здравствен дом Кичево завршуваат во касата на приватната “ЕРА Медика”, која прави голем профит по овој основ.

А цените за систематски преглед за вработените се движат од 800-1.500 денари во јавните здравствени установи, додека во приватните поликлиники цените знаат да бидат и повисоки за 10-15% од државните.

Директорите и началниците на државните институции во Кичево (ТЕЦ Осломеј, МВР, Општината, Комуналец, ЈП Студенчица и други) без исклучок доаѓаат од редовите на ДУИ и поретко од СДСМ, и истите имаат добиено насока да не прават тема од монополот на “ЕРА Медика” и да и плаќаат фактури на оваа приватна поликлиника за редовните систематски прегледи на своите вработени.

Но, одредени приватни фирми веќе се бунат зошто при постоење на специјалист по медицина на трудот во Здравствениот дом во Кичево не е овозможена барем конкуренција во давањето на оваа медицинска услуга и дали за некои од функционерите на ДУИ во Кичево има и провизија за одржувањето на ваквиот монопол на ЕРА Медика?!

Она што со сигурност може да се каже е дека Здравствениот Дом Кичево, заради неискористување на својот лекар специјалист по медицина на трудот во изминативе 6 месеци, има изгубено прилив од околу 6-7.000 евра, ако се земе просекот од 60-80 систематски прегледи кои месечно се прават од страна на вработените во фирмите. Ова е значителна сума за една јавна здравствена установа која брои околу 70 вработени и може да се смета како свесно изгубена добивка на сметка на профитот на приватната поликлиника ЕРА Медика.

Дополнително, граѓаните од Кичево кои поднесуваат барање за поседување на оружје (за лов, за работни задачи, или за приватни потреби) се оштетени со тоа што за лекарско мора да одат до Здравствениот Дом во Охрид. Имено, само јавна здравствена установа која има лекар специјалист по медицина на трудот може да издаде лекарско уверение за поседување на оружје, а цената на овој медицински документ е 2.000 денари. И наместо овие средства да завршат во буџетот на Здравствен Дом Кичево, тие се одлеваат во Охрид, а кичевчаните кои аплицираат за дозвола за поседување на оружје губат цел ден, плус трошоци за пат до Охрид за да си ја завршат оваа работа.

Сопствениците на ЕРА Медика се Амдин Ахмеди и Шазиман Алили, двајцата од Кичево од каде што е и директорот на Здравствениот дом. Тие немаат одговорност за тоа што го прави директорот од ДУИ освен ако не се докаже дека тие му даваат причина да го блокира лекарот Македонец и со тоа остваруваат сериозни приходи.

Ако се јавите во ЕРА Медика ќе ви кажат дека тие се единствени во Кичевско каде имаат доктор по медицина на труд и може да се добие бараниот документ за трудова медицина и лекарско уверение.

Лекарот кој е предуслов за таа работа одамна требало да биде во пензија (сега ќе прави 67/68 години) и тој истовремено работи како матичен лекар и како специјалист по медицина на труд, што е недозволиво.

Во ЕРА Медика немаат очен лекар, немаат ОРЛ лекар, психијатар, психолог, само лабораторија имаат, а без овие (очен, орл, психијатар, психолог), не може да се прават превентивни прегледи.

И покрај тоа докторот по трудова кај нив ги “прави тие прегледи” т.е. дава оценка дали работникот има добар вид, слух, психолошки статус, што не е според нормите пропишани од Министерството за здравство.

На официјалниот телефон на Здравствен дом Кичево со денови никој не одговара да каже зошто директорот свесно прави штета на буџетот на институцијата што ја води и не му дава специјалистичко место на лекарот кој може на здравствениот да му донесе сериозни пари.

Докторот Стојановски за expres.mk потврди дека од необјасниви причини не може да го добие специјалистичкото место кое законски му следува но не сакаше да коментира за парите кои ги губи здравствената организација каде што работи.

Извори во Лекарската комора каде Бајрами е член на Управен одбор тврдат дека во комората се знае за случајот но засега молчи најверојатно поради моќта што ја има Бајрами.

Насловна фотографија: Лекарска комора на Македонија

На фотографијата претседателката проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заменик претседателот доц. д-р Беким Исмаили, потпретседателот за терциерно здравство, д-р Алберт Леши и крајно десно д-р Џабир Бајрами, член на Извршниот одбор, присуствуваат на свечен настан по повод одбележување на 10 години од постоењето на Лекарската комора на Косово во Приштина.

Истражувањето што го објавува expres.mk не е финансирано од ниту една држава машна или меѓународна организација, агенција или амбасада.