Дипломатскиот кодекс на тест: Македонски амбасадор го прогласил Ахмети за лидер на македонските Албанци

Актуелен македонски амбасадор го прекршил непишаниот дипломатски кодекс кој предвидува дипломатите да не коментираат за актуелни политички теми и да не комуницираат со политички партии и лидери освен ако за тоа немаат мандат од владата.

Македонскиот амбасадор во Катар Шабан Јашари деновиве бил во посета на лидерот на ДУИ Али Ахмети во Мала Речица каде што разговарал меѓу другото и за актуелни теми.

За оваа средба на која се зборувало за повеќе теми Јашари се пофалил на приватен пост на Фејсбук со што поставил основа за поведување на дисциплинска постапка против него од страна на Министерство за надворешни работи кое го води кадарот на ДУИ Бујар Османи.

Амбасадорот во Катар во постот го прогласил Ахмети за лидер на македонските Албанци што е класична политичка изјава која што не смеат да ја даваат македонските дипломати.

Во западниот свет амбасадорите не смеат да комуницираат со политички партии или лидери, на средбите да коментираат или анализираат актуелни политички теми ниту пак да даваат оценки кој е лидер на сите припадници на една едничка група во земјата како што Јашари се пофалил на Фејсбук.

Вообичаено за вакви теми поврзани со можно прекршување на дипломатскиот кодекс расправа министерството за надворешни работи или Комисијата за надворешна политика при Собранието а за гафот на Јашари може да реагира и претседателот Пендаровски кој го потпишува указот за испраќање на амбасадорите.

Освен ако амбасадорот не бил пратен во ДУИ од страна на владата или МНР со цел да пренесе некаква порака до ДУИ или Ахмети, тој во никој случај не би требало да се слика со лидер на политичка партија во партиско седиште и за тоа да информира на социјалните мрежи.

На потег пред сите други е министерот Османи кој треба да ја истражи и да преземе мерки за средбата што ја имал македонскиот амбасадор со неговиот партиски лидер Ахмети во Мала Речица.

Јашари во МНР важел за дипломат од кариера кој точно знае што како македонски амбасадор смее да прави а што не е дозволено за луѓе на негова позиција.