Пратеникот и лидер на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски, на Фејсбук ја опсервира „националната трибина“ на СДСМ во Скопје насловена „Силно и одлучно кон иднината“.
„СДС, политичката партија на идеолошки превртливи егзибиционисти, под чие владеење Република Македонија стана синоним за држава во која царува корупција, одржа трибина за себекуражење. Вознемирена владејачка партија на држава со пропаднато правосудство, политички затвореници и прогони на неистомисленици и партија под чие раководство Република Македонија стана ‘северна’, македонската историја ‘заедничка’, културата ‘измислена’, а јазикот ‘дијалект на бугарскиот’! Држава со најголема сиромаштија, од која Претседателот на државата признава дека би заминал доколку не е претседател!?
Токму челниците на таа партија вечерва продаваа демагогии и лицемерие, се фалеа со лажни успеси и го убедуваа сопственото членство дека се на правиот пат. На ‘правиот пат’ ќе опстоеле, па макар за тоа, како своевремено со шлепер, сега со булдужер ќе ги прегазат сите кои ќе им се попречат!
При тоа со лажна искреност подаваат рака за национално и општествено помирување кое никој ниту им го бара, ниту го посакува, напротив, со предавници и антимакедонци помирување нема!
И додека триумфално воскликнуваат и се закануваат, длабоко во себе се плашат од судот на народот кој ќе уследи. Народот ќе дојде по своето и ваквите одродени ‘квислинзи’ ќе заминат во историјата. Криењето зад наводната ЕУ перспектива, која патем како најдолни арамии ни ја украдоа, нема да ги поштеди од одговорност за стореното недело!
Ковачевски, додека ги повикуваш твоите функционери ‘да станат да ги види сала’, подобро е да ги повикаш да излезат на избори за тебе и нив да ве види народ! Само на тој начин, од први редови ќе увидите колку многу сте се однародиле!“, порача Димовски од опозициската коалиција „Обнова за Македонија“.