Постојат информации дека група лица од Бугарија кои поседуваат оружје се подготвувале да влезат во Македонија за да предизвикаат инциденти. Ова го изјави заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски во вечерашното издание на емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ. Како што појасни, не се работи за организирани групи, туку за поединци со слична цел, а имено дополнително да ги подгреат и онака вжешетените односи меѓу двете земји, а во служба на сосема трети интереси, но биле превенирани со навремена реакција на македонските безбедносни служби.

Заменик министерот Димитровски појаснува дека тоа е една од причините за тврдата реакција на претседателот Стево Пендаровски по вчерашното заседавање на Советот за безбедност. Генерално, додава Димитровски, од државниот врв бил заземен став дека ќе мора да се реагира „бидејќи за оние кои доаѓаат за да провоцираат нема место во Македонија“.

-Постои сомневање дека позади нив стојат руски разузнавачки служби – објасни Димитровски.

Идејата во позадина на овие провокации била со предизвикување на инциденти и можни насилства да се зголемува нетрпеливоста и да се создава чувство на немир и недоверба меѓу двата народи. Ако на тоа се додадат јавните истапи на високи бугарски функционери по настанот во Охрид тогаш јасно е дека тие провокации не се нималку наивни.