Екс министерот за надворешни и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров реагира на срамен текст на провладиниот портал Фронтлајн кој го води невладиниот активист Џабир Дерала кој држеше говор на митинг на СДСМ кога Димитров беше министер.
Екс министерот и вицепремиер во владата на СДСМ се надева дека текстот кој е реакција на негов статус не е напишан од новинар затоа што тоа би било тажно за новинарството.
,,После вчерашниот мој статус каде зборувам за чудовиштето на клиентелизмот и партизацијата, во еден срамен и непотпишан текст медиумот Фронтлајн лаже дека јас сум сменил неколку партии низ мојата кариера.
Јас никогаш не сум бил член ниту на една, а камоли на повеќе партии и впрочем токму тоа било и мојата најголема сила и мојата најголема мака. Гледате и сами што значи да се има свој став и да не се отстапува од него и каква е борбата на професионалците низ нашите институции – дали во дипломатија, дали во образование, дали во здравство… клиентелизмот подразбира верност кон моќта и кога греши, а не верност кон принцип и по цена на борба против моќта.
Понатаму, во истиот текст се лаже дека јас како вицепремиер не сум се појавувал на работа – ова е малку и комична лага, што многу лесно се утврдува.
Со оглед на тоа што овој текст нема автор, би сакал да верувам дека е зготвен од други кујни, вознемирени меѓу другото и од поддршката што ја добив и за статусот, оти би било многу тажно за новинарството да е новинар тој кој шири ваква грозна пропаганда.
Првовремено мислев воопшто да не реагирам на олку очигледни лаги, имајќи ја на ум приказната со фрлањето на камен по секое куче, но сметам дека немаме луксуз да оставаме да се сее магла.
Медиумите добро ме знаат и знаат дека барем јас сум секогаш отворен и за коментар и секогаш почитувам и вреднувам критика, но толерирање на вакви невистини само не враќа во едно црно време против кое сите се боревме.
Жално е што оние кои навидум треба да се први на линијата на одбрана на професионализмот на медиумите и на слободата на говор, немаат нималку дилема дали да ги употребат методите на режимот за борба со оние кои им пречат на нивните нарачители.
А тие, нарачателите, па белким имаат поважни работи во моментов од тоа да се занимаваат со мене, кога нема ден без по неколку вести за тоа како системот им се распаѓа како кула од карти. Лош фокус пријатели, многу лош… Тие кои бегаат од дебата за да мавнат со лични дискредитации, веќе ја изгубиле дебатата.
Ќе кажев дека очекувам јавно извинување веднаш. Ама искрено, од оние што се вака немоќни и долни, извинување не би ми значело ама баш ништо”, пишува Димитров за текстот во Фронтлајн на Дерала.
Димитров додека беше во владата на СДСМ која Дерала јавно ја поддржува никогаш предходно не реагирал кога Фронтлајн пишуваше други срамни текстови за други луѓе.