Димитров во Берлин по поддршка за евроинтеграциите

„Следниве два дена, клучни средби за нашите европски перспективи! Имаме аргументи, и реформски и добрососедски. Нашиот успех ќе биде успех и за регионот и за ЕУ. Убеден сум во тоа, а ќе ги убед(ув)ам и сите соговорници во Берлин“, напиша вчеравечер на Фејсбук шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.



Тој е во работна посета на Берлин и разговара со германски пратеници, но и со шефицата на владејачката Христијанско-демократска унија, Анегрет Крамп-Каренбауер, за европските интеграции на земјата.

Ставовите на официјален Берлин околу евроинтеграциите во текот на викендот за Дојче веле уште еднаш ги повтори државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот:

„Ние не ги оставаме на цедило луѓето од Западен Балкан“, дотолку повеќе што процесот на трансформација на патот кон ЕУ е „тежок и напорен“ за луѓето. Притоа, Рот не заборави да повтори дека демократијата, правната држава, почитувањето на малцинствата и борбата против корупцијата се од огромен интерес за Германија и Европската унија и дека тука „не смее да има никаков политички попуст“.

Извор: Дојче веле