Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров го дијагностицира проблемот на Македонија со Бугарија.
„Нашето, македонско прашање очигледно го немаме затворено со Бугарија. Во 21. век, во Европа, сојузници сме во НАТО, соседи сме… Мислам дека прават неверојатно крупна историска грешка, како што меѓу другото и ние правиме кога се обидуваме да не ја видиме реалноста. Не станува збор за некои радикални поединци коишто ги влошуваат односите, туку има речиси консензус во политичка Бугарија околу негирањето на македонскиот идентитет, македонскиот јазик. Ние сме навредени и со право сме навредени и повредени. Не беше тоа доволно, па уште и со вакви имиња на бугарските клубови во Битола и во Охрид, а ние сме речиси со автоцензура, внимаваме што ќе кажеме, каков чекор ќе направиме. Ние сме малку како во приказната со волкот и јагнето, кога волкот му се заканува зошто му ја мати водата. Или во однос сме како случајно да сме се судриле со некој маалски грубијан, којшто не се извинува и вели: ‘Нема ти мене што да ми се извинуваш’. Мораме да се соочиме со таа реалност. Ова е преправање дека имаме пријателски односи, ама ги нарушувале поединци. Ние го немаме решено проблемот. Сè додека не го решиме македонското прашање со Бугарија, проблемот е отворен. Што направивме ние – го испреплетовме билатералниот спор со европскиот процес“, објасни во „Тема на денот“ на Сител ТВ потписникот на Преспанскиот договор со Грција.