Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска, два дена откако организацијата Викилис објави дека тој во 2008 година бил во два наврати „заштитен извор“ на САД, реагираше на својот Фејсбук профил.
Според него се работи за стари информации објавени уште во 2010 година.
Министерот не демантира ништо од објавата на Викиликс но тврди дека зад објавата на меѓународната организација која ја основаше Џулијан Асанж стојат обиди за негова дискредитација зад кои пак стојат сили кои се противат на членството на Македонија во ЕУ и НАТО.
На кого мисли Димитров кога зборува за „Сили“ не кажува но тој практично ја потврдува информацијата која што Викиликс ја објави во саботата навечер а во која организацијата на Асанж го обвини македонскиот министер дека бил заштитен извор на амбасадата на САД во Скопје во два наврати во 2008 година.
„Деновиве гледам извадиле стари информации објавени во 2010 година кои всушност потврдуваат дека конзистентно сум работел на исполнување на стратешките цели – НАТО и ЕУ членството – и сум комуницирал со САД, нашите стратешки партнери, во функција на остварување на државните интереси на Македонија.
Истите партнери што во 2004 година, кога бев амбасадор во Вашингтон, го признаа уставното име на Република Македонија. Фактот што после цели осум години се злоупотребуваат истите информации, со обид за тенденциозна лична дискредитација за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа, токму во финалето на процесот, индицира дека зад овие игри се сили кои се против реализацијата на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија“, пишува Димитров на својот профил на Фејсбук.