Министерот за надворешни работи Никола Димитров извади од ракав уште еден аргумент зошто Европска унија во октомври би требало на Македонија да ѝ одреди датум за почеток на преговори за членство.
Според него, отворањето пристапни преговори со Унијата би помогнало да се убедат младите луѓе да не емигрираат и да бараат „европски стил на живот“ на друго место.
„Процесот (на подготовка за членство во ЕУ) е важен. Најголемата битка за нас е да ги задржиме младите дома, па затоа треба да ја направиме нашата земја европска за тие да можат да имаат ‘европски начин на живеење’ дома и да не го бараат на друго место“, изјавил Димитров за Ројтерс на маргините од Бледскиот стратегиски форум.
Шефот на дипломатијата објасни дека подготовките за членство би воделе кон натамошен пад на невработеноста и кон зголемување на бруто општествениот производ, со што ќе се отвореле повеќе работни места, а со тоа ќе се зголемеле и платите.