Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски, за хрватскиот портал „Индекс“ откри дека Германците не им честитале за сензационалниот триумф од 2:1 во Дуизбург, прв за „панцерите“ во мундијалски квалификации по 35 натпревари.

„По голот на Пандев тие си мислеа дека ќе победат дека се Германија. Мислам дека не нè сфатија сериозно. Посебно медиумите. Израмнија од пенал, а судијата им прости пенал што го направи Емре Џан. Но, потоа погоди Елмас и тоа беше фатално за нив. Не ни ја ни честитаа победата. Мене тоа не ми е правилно“, изјави чуварот на македонската мрежа, кој го опиша и чувството по последниот свиреж на рускиот судија Сергеј Карасев.

„Лудило! Неверојатно! Кога судијата отсвири крај, не можевме да поверуваме. Резултатот не изгледаше реално. Тоа беше наш момент. Најголема победа на нашата репрезентација“, додаде тој.

Димитриевски верува дека Македонија до самиот крај ќе се бори за историски пласман и на Светското првенство 2022 во Катар, а за дебито на Европскиот шампионат летово вели: „Ќе бидеме нагазна мина. Сигурен сум“.