Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски промптно реагира за акцискиот план на експремиерот Љупчо Георгиевски за деескалација на македонско-бугарските односи, потестувајќи го на зборовите на Гоце Делчев: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот“!

„Акцискиот план којшто вечерва го предложи поранешниот премиер Љупчо Георгиевски е срамен и понижувачки за Македонија и македонскиот народ.

Овие ставови директно ги разнебитуваат нашите македонски корени, ги поткопуваат столбовите на постоењето на македонската држава, историја, јазик, идентитет и култура со конечна цел декодифицирање на македонизмот.

Доколку кај поранешниот премиер постои малку доблест и свест, под итно треба да го врати македонското државјанство и да се извини на целиот македонски народ.

– Го повикувам Јавното обвинителство екс официо да отвори случај, спроведе истрага и доколку утврди одговорност за ваквиот предлог, кој е противуставен, да поднесе кривична пријава за дело против државата и поткопување и уривање на уставниот поредок.

– Јас сум еден од многуте граѓани во државата кој секогаш и секаде бескомпромисно ќе се спротивстави на ваквите утопистички ставови.

Во оваа прилика ќе потсетам на зборовите на Гоце Делчев: ‘Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот’“, му порача Димитриевски на Георгиевски преку Фејсбук.