По гостувањето на министерот за финансии во вестите на Сител, јасно е, на повидок е ново задолжување од околу половина милијарда евра. Дали синџирите од должничко ропство стануваат сѐ потешки?

Овој заклучок и прашање ги дава екс техничката министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која е збунета зошто владата бара пари на заем за да ја одржи ликвидноста на буџетот за која тврди дека е во добра состојба.

,,Прво што можеше да се забележи од гостувањето е дека парите се планираат за ликвидност на буџетот. Па нели буџетот е ликвиден?

Во 2020 година, Владата креираше буџетски дефицит од 876 милиони евра а се задолжи над 1 милијарда евра, во 2021 година буџетскиот дефицит достигна 632 милиони евра. И после овие енормни трошења, владата продолжува со расипничкото однесување.
Зошто сѐ уште нема ребаланс на буџетот? Зошто не се кратат трошоците и да се обезбедат средства во рамките на постојниот буџет?

До членовите на владата. Како и секогаш, доцните со сѐ. Досега требаше да имате веќе завршен ребаланс на буџетот во кој ќе предвидевте многу поголеми пари за стоковите резерви. Постојано повторувате дека стокови резерви има а секој ден се молите по други држави да ни дадат брашно и зејтин како просјаци. Народот го соголивте, а сега и ќе го умрете од глад заради вашата неспособност.

До членовите на владата, сега преговарате со ММФ од причина што и сами знаете дека ваквото урнисување на економијата нѐ доведе до тоа да нема интерес за македонска еврообврзница и затоа не се ни осмелувате да излезете на тој пазар. И второ, и министерот призна дека каматите ќе биле повисоки. Само заборави да каже дека сега за нас каматите се повисоки само и единствено поради неспособната влада која ја гледа целиот свет”, заклучува Димитриеска – Кочовска која е член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.