Димитриеска Кочоска: Протестот е одговор на крахот во економијата, погрешните национални политики и срамот кој ни се случува во континуитет

Во последните години ние во континуитет имаме крах во економските политики кои се клучни. Ова е првата причина поради која ние го организираме овој протест, а се разбира причина се и погрешните национални политики и националниот срам кој ни се случува во континуитет, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска, во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.

Таа додаде дека власта едноставно нема слух за реалните проблеми, а економијата тоне и граѓаните страдаат.

– Постојано ние дававме шанси, Претседателот предложи тим на експерти, предлог што се одби. Не очекувам дека ќе има промени во нивното однесување и покрај сите дадени шанси, затоа се потребни предвремени парламентарни избори, кажа Димитриеска Кочоска.

„Ние имаме неколку активности кои ќе се случуваат и после протестот. Нашата цел е да имаме задоволни граѓани и нашиот протест е во интерес на граѓаните на Република Македонија. Се што ќе биде постигнато како успех за граѓаните, се што Владата ќе слушне и реагира за нас е успех“, рече Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска потенцираше дека доколку се погледне однесувањето на Владата, политиките и економската состојба која ја имаме тогаш логично е дека крајната цел ќе бидат предвремени избори. Нема друг начин за некој кој што не се разбира кога вие во континуитет му зборувате дека прави погрешно и го предупредувате да не се однесува така бидејќи тоа ќе биде лошо за граѓаните.