Две девојчиња на возраст од 12 и 13 години го признаа убиството на нивна другарка, 12-годишно девојче Луиза, кое во неделата беше пронајдено мртво во близина на нејзиниот дом во сојузната покраина Порајње-Фалачка, Германија, соопшти полицијата.
„Тие дури по второто испрашување го признаа делото“, изјави портпаролот на полицијата во Кобленц.
Луиза била избодена 32 пати, а полицијата се уште трага по оружјето со кое е извршено делото.
Државниот обвинител објасни дека двете девојчиња не можат кривично да бидат гонети поради нивната возраст.
„Тоа не значи дека ништо нема да им се случи. Тие се во рацете на младинскиот центар за грижа за млади“. Државниот правобранител рече дека се работи за „посебно кривично дело“.
Дванаесетгодишната Луиза била пронајдена во неделата наутро во близина на нејзиниот дом, на самата граница меѓу сојузните покраини Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија
Најпрво имало сомневање за сексуален престап, но обдукцијата не ги потврди овие сомнежи.
Мотивот за убиството бил одмазда. Наводно три девојки се скарале на ТикТок. Наводно, жртвата се исмевала со една од двете девојки кои ја убиле. На кој начин останува нејасно.
Шпигел пишува и дека откако ја убиле Луиза, девојчињата отишле дома, ги повикале нејзините родители и се преправале дека не знаат каде е и дека се загрижени за неа. Тие дури и ги соподелувале информациите за нејзиното исчезнување и пребарување на социјалните мрежи.
