Српскиот претседател Александар Вучиќ се пофали дека девет земји го повлекле признавањето на Косово, со што бројот на тие што ја признаваат косовската независност паднал на 84, наспроти 106 што не ја признаваат, а три „не се начисто“.
„Имаме девет што ги повлекоа признавањата – Сомалија, Буркина Фасо, Габон, Есватини, Либија, Гвинеја, Антигва и Барбуда, Света Луција и Малдиви. Ја чекаме десеттата“, рече тој на годишната конференција.
„Белград ја интензивираше својата кампања за отпризнавање на Косово како одговор на наводното прекршување на договорите постигнати со Србија во Вашингтон во 2020 година од Приштина. Тогаш Косово се согласи да го суспендира барањето членство во меѓународните организации во замена за запирањето на кампањата на Србија за негово отпризнавање. Апликацијата на Приштина за членство во ЕУ покажа дека таа повеќе не смета оти е обврзана со одредбите од тој договор“, пишува српскиот весник „Вечерње новости“.
Пред да го склучи договорот од 2020 година, Белград тврдеше дека успеал да убеди 18 земји да го повлечат признавањето на Косово. Србија никогаш официјално не ги именуваше овие држави, но, според „Вечерње новости“, на списокот се Сиера Леоне, Суринам, Того, Гана, Науру, Унијата на Коморите, Сао Томе и Принсипе, Гвинеја Бисао, Бурунди, Либерија, Лесото, Гренада, Мадагаскар, Комонвелтот Доминика, Папуа Нова Гвинеја, Соломонските Острови, Палау и Централноафриканската Република.
Пет од членките на Европската унија и понатаму не го признаваат Косово, и тоа Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија. Мадрид, исто така, во декември стави на знаење дека ќе се спротивстави на доделувањето на Приштина кандидатски статус за ЕУ.