Белгискиот историчар Рајмонд Детрез во интервју за бугарската редакција на Дојче веле го проблематизира изборот на името на културниот клуб во Битола.

„Доста проблематично е инсистирањето да не се спомнува ‘бугарски фашистички окупатор’. Прво, да разјасниме една работа: Македонците не тврдат дека Бугарите се фашисти, туку само дека имало фашистички окупаторски трупи. Овие трупи во Бугарија за време на Втората светска војна официјално се нарекуваат ‘окупациски’. Никогаш не мислев дека во Бугарија постои фашистички режим, но самите Бугари 45 години инсистираа дека постои монархофашизам, а некои и денес го тврдат тоа. Само погледнете наоколу и ќе видите колку споменици има за ‘борците против фашизмот’, а има и споменици на советските ‘ослободители’. Од што ги ослободија Бугарите, ако не од фашизмот? Бугарија е сојузник на фашистичка Италија и Германија. За ‘ослободувањето’ на Македонија им се изразува благодарност на царот Борис Трети и на Хитлер. Не мора да си Македонец за да го перцепираш тогашниот бугарски режим како фашистички. Ако Бугарите толку инсистираат да не бидат сметани за фашисти, дали беше соодветно бугарскиот културен клуб во Битола да се вика ‘Иван Михајлов’? Да, Софија не мора нужно да се придржува до мислењето на Македонците, но европските партнери треба само да кликнат на неговото име на Википедија (па и на бугарската) за да наидат на нарачател на убиства и на терористички напади, личност која одржува контакт со Хитлер и со Мусолини и е личен пријател на Анте Павелиќ. Каков и да бил Иван Михајлов за Бугарите, кога се бара поддршка од европските партнери за бугарската кауза попаметно ќе беше да се избере име на помалку компромитирана личност. Во Европа веќе не важи ставот дека можеш да правиш убиства во име на нацијата. Од оваа гледна точка, споменикот на солунските атентатори во центарот на Скопје е исто толку несоодветен“, вели професорот по историја на Балканот на Католичкиот универзитет во Ловен.