Стрелецот за Бугарија против Македонија и во двата дуела од фудбалската Лига на нациите, Кирил Десподов, нагласува дека не е Македонец, иако е од Кресна во Пиринска Македонија.

„Еден од најважните голови ми е против Македонија. Ме испровоцира што ни ја исвиркуваа химната, но ние ги победивме. Двајца Македонци ја победиле Македонија? Ако ги прашаш, и Роналдо ќе си го присвојат“, вели за Бугарската телевизија (БТВ) напаѓачот на Лудогорец што го постигна единствениот погодок во реваншот со „црвено-жолтите“ во Скопје, како и голот во ремито 1:1 во Разград.

„Несериозно е. Тоа што сум од Кресна, која е блиску до Македонија и ја нарекуваат македонски крај не значи дека сум Македонец. На мојот пасош пишува бело-зелено-црвено“, додава Десподов за „помакедончувањето“ во некои македонски медиуми.