Тони Дескоски, професор по меѓународно право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, ги повика организаторите на протестите против францускиот предлог да ги отстранат знамињата со Сонцето од Кутлеш!

„На сите фотографии од протестите против Францускиот предлог доминираат знамиња со Сонцето од Вергина. Тоа е и ќе биде обилно злоупотребено од бугарската дипломатија како доказ за нашата наводна неискреност спрема соседите (За Грците веќе сите знаеме дека педантно ќе го документираат и употребат кога ќе им треба).

Би било добро организаторите на протестите да поведат сметка за отстранување на овие знамиња со ваквиот симбол. Тој се наоѓаше на државното знаме само три години. Веќе 27 години не е државен симбол, а историски не е поврзан со ниту еден настан или процес кој довел до создавање на македонската нација и држава (за која се изборија партизаните во НОВ). Македонскиот народ никогаш не го користел истиот. Нема ниту една причина да вееме хеленски симболи од античко доба. Си имаме свои симболи под кои нашите дедовци лееле крв за Македонија. Си имаме и државно знаме со поинакво сонце“, објаснува на Фејсбук застапникот на Република Македонија пред Меѓународениот суд во Хаг во спорот против Грција за нарушување на Привремената спогодба.