Денот на полицијата: Премиерот ја фали борбата против криминалот

Со положување цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на министерството се одбележа Денот на полицијата. На настанот присуствуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој порача дека полициските службеници се хероите на денешнината.

-За жал, некои од нив, борејќи се за безбедноста на граѓаните и државата, ја дадоа и најскапоцената жртва – своите животи, поради што на овој ден со неизмерна почит се потсетуваме на нив и на нивната храброст, како вечна инспирација за сите нас! Затоа и велиме дека да се биде полицаец, да се биде припадник на Министерството за внатрешни работи – претставува посебна чест и огромна одговорност – порача Спасовски.

Честитка по повод Денот на полицијата упати и премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека постигнатите резултати на полицијата се одраз на посветеностa и стручностa во справување со сите национални и глобални предизвици.

„Ви честитам на ефикасноста во борбата со корупцијата и организираниот криминал, за што показател се реализираните резултати во 2022 година – сузбиени 15 криминални групи, запленети над 2,4 тони дрога со проценета вредност од 6 милиони евра на црниот пазар, спречени се над 26 илјади обиди за илегални преминувања на границите“, порача Ковачевски на фејсбук.

Ковачевски додаде и дека продолжува проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со кој досега се опфатени 78 комплетно реконструирани објекти, најголем дел енергетско ефикасни, а обезбедени се, како што рече и повисоки плати и нови униформи за сите полициски единици, пренесува Фактор.мк.